Пример за успешна македонска компанија – претседателот Иванов во посета на „Алкалоид“

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска беше во посета на компанијата за производство на лекови, преработка на билни суровини, производство на козметички и хемиски производи „Алкалоид АД” Скопје. Македонскиот претседател, за време на посетата која што се реализира по повод 80-годишнината од основањето на „Алкалоид AД” Скопје, беше запознаен со производствените капацитети на компанијата, како и со идните бизнис планови, стратегии и иницијативи.

Претседателот Иванов, упатувајќи честитки за големиот јубилеј, истакна дека „Алкалоид AД” Скопје претставува пример за успешна македонска компанија која задоволувајќи ги највисоките европски стандарди, со нивната посветеност и професионалност секојдневно се зацврстува како лидер во фармацевтската, хемиската и козметичката индустрија во Македонија.

Во разговорот со директорот на „Алкалоид АД” Скопје, г. Живко Мукаетов, претседателот Иванов порача дека компанијата треба да ги искористи сите потенцијали за натамошен развој, напредок и уште подобри резултати на македонскиот и на светскиот пазар. За таа цел, државата и во иднина ќе настојува да ги подобрува севкупните услови за поттикнување на развојот на македонските компании, рече претседателот Иванов.

Мукаетов истакна дека оваа посета претставува огромна чест и значајно признание од страна на Претседателот Иванов, за 8-те децении неуморно истражување, развој, иновации и континуирани вложувања во алкалоидовата визија за поздрав живот. На средбата, г. Мукаетов ги претстави тековните бизнис планови и развојни цели на Компанијата во делот освојување нови пазари во светот, ставајќи акцент на генерациите Алкалоидовци, благодарение на чии несебични заложби „Алкалоид” денес е една од најмодерните фармацевтски индустрии во Југоисточна Европа со над 1.600 вработени, 50.000 квадрати производни погони и пласмани во над 30 земји во светот.

Македонскиот претседател ја поздрави поддршката од страна на „Алкалоид АД” Скопје на најразлични иницијативи и проекти во интерес на општеството, заедницата и особено поддршката кон младите во Македонија.

Претседателот Иванов го посети и се запозна со работата со новиот Центар за контрола на квалитет на „Алкалоид AД” Скопје што беше пуштен во употреба оваа година.

alkoloid_web2