Јолевски: Остануваме целосно посветени на интегративните процеси во НАТО и ЕУ

„Република Македонија ќе остане цврсто посветена на нашите стратешки цели – интеграцијата во НАТО и Европската Унија, а реформите кои ги правиме во безбедносниот сектор се првенствено за нас, за да имаме посилно општество, посилна одбрана и армија, реформи кои паралелно нè приближуваат и до НАТО и Европската Унија“. Ова го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски на денешната конфереција во Министерството за надворешни работи на тема „Влијанието на глобалните безбедносни предизвици во Европа и Западен Балкан и начини на справување“, а во организација на Секретаријатот за европски прашања.

Во своето обраќање министерот Јолевски посочи Република Македонија даде свој сериозен придонес во надминувањето на предизвиците предизвикани од мигрантската криза со кои се соочува целиот континент. „Минатиот период видовме дека е многу значајно Европа да има заедничка, сеопфатна стратегија како да се соочи со предизвиците од мигрантската криза, која беше закана за европската безбедност“, додаде министерот.

На конференцијата, министерот Јолевски се задржа и на стратегиските цели на Република Македонија – членството во НАТО и во Европската Унија, како и на придонесот на Македонија во меѓународните мировни мисии. „Интеграцијата на земјите од регионот во НАТО и ЕУ е значајна, особено поради потребата да се размислува стратешки. Поканата за Црна Гора е голем плус за регионот, а треба да се размислува и за Босна и Херцеговина“, рече министерот. Тој посочи дека кога зборуваме за реформските процеси, треба да знаеме дека тие се добри за нас, а и за нашите аспирации за членство во евроатлантските структури.

Во однос на меѓународните мировни мисии, министерот посочи дека Македонија продолжува да придонесува во НАТО мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан и во ЕУ операцијата „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина. Ние во овие меѓународни мисии, порача министерот, даваме придонес кон напорите на меѓународната заедница за заштита на светскиот мир и безбедност, но воедно нашите војници и офицери стекнуваат огромно искуство. „Тоа најдобро се покажа минатото лето кога со прогласувањето на кризната состојба, припадниците на АРМ беа поставени на јужната граница. Имено, претставниците на меѓународната заедница, Високиот комесаријат за бегалци и други организации со највисоки оценки зборуваа за начинот на кој Армијата реагираше и се постави“, рече министерот и додаде дека тоа е така токму затоа што голем дел од војниците дејствувале во културна средина и опкружување од каде доаѓаат овие мигранти.

Конференцијата на која учествуваа и министрите за надворешни и внатрешни работи, Никола Поповски и Оливер Спасовски, се организира во рамките на проектот „Одржлив систем за ЕУ обуки“, имплементиран од Секретаријатот за европски прашања од Република Македонија и од Кралството Норвешка.

dsc_1460_resize