Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „бесправно градење“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против М.Ќ. (56) од струшкото село Биџево.
Пријавениот, во текот на август оваа година, без одобрение за градење, продолжил со градба на туристичко-угостителски објект во место викано „Еленско“ во близина на хотелот „Макпетрол“ кај струшкото село Калишта. Се работи за доградба на 11 единечни објекти, бесправно започнати со градба во 1993 година кои пријавениот сакал да ги догради и да прикаже дека се изградени пред 2011 година со цел да ги легализира согласно Законот за постапување со бесправно изградените објекти кој важи за објекти изградени пред 2011 година.
На 23 август годинава, градежен инспектор на општина Струга, извршил инспекциски надзор на објектите градени на државно земјиште при што било констатирано дека инвеститор на доградбите е сега пријавениот и дека градбите немаат градежно техничка документација и одобрение за градба.
Во записникот е наведено дека во 1993 година, од страна Републичкиот инспектор за градежништво и урбанизам е донесено решение за запирање на бесправно започнатата градба како и решение за уривање на дополнително изградените делови од објектот.
Од увидот во имотниот лист, утврдено е дека предметната катастарска парцела кај Калишта е предмет за денационализација,по барање на МПЦ-Манастир „Св.Богородица“.