Министерот Спасовски на конференција „Влијанието на глобалните безбедносни предизвици на Европа и Западниот Балкан и начини за справување со истите“

Министерот Оливер Спасовски денеска учествуваше на конференцијата „Влијанието на глобалните безбедносни предизвици на Европа и Западниот Балкан и начини за справување со истите“, што се одржа во Скопје во рамки на проектот „Одржлив систем за ЕУ обуки“, финансиран од Владата на Кралството Норвешка. Во продолжение интегрално го објавуваме обраќањето на министерот Спасовски.

Дозволете ми веднаш на почетокот да бидам крајно дециден: за светот денес воопшто не е прашање дали глобалните безбедносни закани влијаат или не, врз безбедноста на Европа или на западниот Балкан, или на коj и да е друг регион. Клучното прашање е како тие неспорни предизвици поуспешно да ги превенираме и пресретнеме – пред тие да се размавнат со сета своја уништувачка сила!

Искрено би сакал денешната тема на овој проект, финансиран од нашите извонредни пријатели и партнери од Кралството Норвешка, да стане своевиден приоритет на европската политичка агенда, затоа што безбедносните предизвици во актуелните глобални геостратешки, но и економски контексти бездруго ја бараат целосната наша посветеност и дејствителност.

Во глобалната ера и проблемите се глобални. Залудно и непромислено е верувањето дека она што се случува во дворот на соседот нема да дојде и во твојот двор. Принципот на глобализам сам по себе го елиминира таквиот светоглед. Еве да ја земеме за илустрација мигрантската криза, која и покрај моменталното “затишје“ ни оддалеку не е пред разрешница, особено што генераторот на нејзиното настанување – воените судири на Блискиот исток се закануваат да попримат уште пострашни, подраматични димензии. Или пак да ја земеме во предвид глобалната терористичка закана што речиси секојдневно не потсетува на стравичните потенцијали што таа ги содржи и носи со себе.

Кога лани ова време низ балканската миграциска рута, во која Република Македонија беше еден од клучните транзитни правци, секојдневно минуваа десетици илјади несреќници од загрозените подрачја, секому овде на Балканот, но и во Европа, му стана јасно дека парцијално решение за таа криза е невозмозно. Не заради тоа што на пример, Македонија е мала држава со скромни капацитети, туку заради фактот што независно од големината и институционалната подготвеност на која и да е држава, таа сама нема никаква шанса против миграција со таков обем и специфики. Затоа беа преземени низа заеднички мерки, заеднички ангажмани чие што крајно исходиште беше солидарно дејствување, меѓусебна тесна соработка во заштита на безбедноста на граѓаните не само во матичните држави, туку на сите граѓани на Европа. Истото важеше и за тероризмот со сите негови нови пројавни облици кои јасно ни порачаа дека негови таргети сме сите ние, нашите вредности, нашиот живот, нашите материјални добра, нашата иднина.

Практично ние сме упатени едни на други во име на заедничкиот опстанок и јас не се двоумам кога тврдам дека безбедноста на западна Европа зависи и од безбедноста на западниот Балкан. И во тие нови околности мораме секој од нас да ја сподели одговорноста за безбедноста и мирот на нашите граѓани.

Она што особено сакам да го истакнам е фактот дека генерално геополитичките и економски случувања не оставаат простор за комоција, за недејствување. Напротив, нестабилноста што се протега од северна Африка, преку Блискиот и Среден Исток па се до источните граници на ЕУ, и тоа како не предупредува на итна неодложна и заедничка акција.

Ние од западниот Балкан мораме уште поинтензивно и во тесна координација и поддршка од Европската унија да работиме на устројување на демократските, нормативните и институционални капацитети, чиишто бенефити ќе бидат подеднакво во полза на граѓаните од државите на западниот Балкан, но и на граѓаните од секое делче на Европа. Европската унија пак ќе мора уште поинтензивно и поодговорно да се зафати со конципирање на нови одговори кон сите политички и безбедносни предизвици притоа динамизирајќи го и заокружувајќи процесот на целосно интегрирана Европа, без никакви исклучоци и задршки. Непостоењето на стабилност и интегрираност е голема, недопустлива слабост наспроти предизвиците пред кои што сме исправени. Секоја слаба алка од синџирот го прави тој синџир кршлив.

Во овој контекст дозволете ми уште да нагласам дека Република Македонија, независно што се уште не е дел од ЕУ, како претходно така и во иднина ќе остане цврсто и непоколебливо на интегративниот евро-атлантскиот пат. Тоа е наш избор, приоритет од животно значење. Свесен сум дека на тој пат во годините зад нас покажавме многу слабости, недоречености па дури и недоследности. Но знам, како впрочем и мнозинството македонски граѓани, дека стекнавме големи пријатели и поддржувачи, вклучително и во Кралството Норвешка.

И независно од сите проблеми, нашата решителност, како што веќе истакнав – не е намалена. Напротив, сега се чини уште посилна од кога и да е. Токму затоа ние сме максимално отворени за секаков облик на соработка што би бил во заеднички интерес на западниот Балкан и Европа во целина. Само заеднички, со целосно меѓусебно почитување и соработка ние европејците имаме добитна „комбинација“ за успех.