Промоција на новото списание „Филм плус“

Конечно во Македонија се појави првиот филмски месечник насловен „Филм плус“ или како што би рекле уредниците, филм и нешто повеќе. Списание какво што недостигаше со години и какво што сите кои сакаат или се дел од филмот толку долго го посакуваат.

Промоцијата на првиот број на „Филм плус“ е закажана за 20 часот во понеделник (17 октомври) во „Менада“. Поканети се сите оние кои на било каков начин се поврзани со филмот, но и сите оние кои само го сакаат филмот, како и оние кои се само љубопитни. Бидејќи, сите кои стојат зад ова списание се убедени дека тоа ќе задржи сечие внимание.

„Филм плус“ во првиот број донесува најмногу теми поврзани со македонскиот филм. Иако интенцијата беше да се направи македонски филмски месечник, сепак, никој, па дури ни авторите, не очекуваа дека ова издание со 48 колор страници ќе биде речиси целосно исполнето со македонски филмски содржини. А излезе дека навистина има за што да се пишува и дека македонската кинематографија, и покрај се, е една жива и пулсирачка средина во која и тоа како има потреба од едно вакво списание.

Во „Филм плус“ има рецензии за најактуелните филмови, во него се промовирани нашите млади таленти, има разговор со филмски работници чија професија најчесто не е во прв план, а донесува и репортажа директно од филмскиот сет. „Филм плус“ ќе се обиде да придонесе кон позитивни промени, пред се, со објективни, аргументирани, но „жестоки“ текстови. „Нашата цел е да бидеме афирмативни, но истовремено и субверзивни, да зборуваме за она што е добро и она што е лошо. Да се обидеме да ги вратиме или да ги воведеме вистинските критериуми кон нештата. Познато е дека зачмаената средина не води никаде, „Филм плус“ ќе се обиде да не го дозволи тоа“, пишува во воведникот Сунчица Уневска, која заедно со Влатко Галевски го уредува новото македонско филмско списание.

„Филм плус“ ќе се дистрибуира во цела Македонија, а на продажните места ќе се појави веќе на 18 октомври. Целта на „Филм плус“ е да воведе и да се претвори во традиција, со која ќе придонесе кон движење и менување, не само во поглед на македонската кинематографија, туку и во поглед на односот кон филмската уметност воопшто, а најмногу кон критичната опсервација и креативна мисла, која се повеќе недостига во нашата земја.

film-naslovna