Проштална средба на претседателот Иванов со амбасадорот на Турција, Омур Шолендил

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Република Турција во Република Македонија, Н.Е г. Омур Шолендил.

На средбата беа разменети мислења и информации за актуелните состојби во двете земји и во регионот, како и за актуелните предизвици од мигрантската и безбедносната криза.

Претседателот Иванов изрази благодарност за придонесот на амбасадорот Шолендил за одличните билатерални односи помеѓу Република Македонија и Република Турција кои се на ниво на стратешко партнерство , како и за интензивирање и продлабочување на соработката во економијата, туризмот, културата, образованието и во други области од заемен интерес.

Македонскиот претседател истакна дека високо го цениме фактот што Република Турција е еден од најгласните промотори за интеграција на Република Македонија во НАТО и изрази уверување дека блиските и пријателски односи, како и политичкиот дијалог на сите нивоа, ќе продолжат да се унапредуваат и во иднина.

Амбасадорот Шолендил изрази благодарност за поддршката од македонските институции во вршењето на неговата дипломатска дејност истакнувајќи дека двете земји ги поврзуваат заедничка историја и култура кои се одлична основа билатералната и мултилатерална соработка да бидат на едно привилегирано ниво и постојано да се интензивираат.