Oдделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Р.А.(1954), поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти“ и „посредување во вршење проституција“, Ф.А.(1990), Д.А.(1961), Б.Н.(1954), З.Д.(1956) сите од Охрид, потоа О.Ч.(1996) и М.А.(1996), двајцата од Велес поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „трговија со луѓе“, додека Ф.А., Б.Н. и З.Д. се пријавени и за кривичното дело „посредување во вршење проституција“.
Првопријавениот во својство на организатор создал криминална група во која членови се Ф.А. (негов син), Д.А. (негова сопруга), Б.Н., З.Д., О.Ч. и М.А. која имала за цел вршење на експлоатација по пат на проституција на женски лица-жртви на трговија со луѓе во временски период од јуни до октомври 2016 година. Истите за износ од 3000 денари (од услуга) им овозможувале на лица клиенти, користење на сексуални услуги во Угостителски Објект „Филип Астор“ во Охрид. Експлоатацијата по пат на проституција се вршела секојдневно во временски период од 21:00-05:00 часот во просториите на самиот угостителски објект, а по барање на лицата-клиенти, женските лица на други локации и објекти се превезувале или со такси возило или пак со возила во сопственост на самите клиенти. Исто така забележани се и случаи кога биле превезувани и со возила од страна на припадниците на криминалната група.
Имено, првопријавениот ги прифаќал, сместувал, превезувал, контролирал, организирал и овозможувал експлоатација по пат на проституција во УО „Филип-Астор“ во Охрид, потоа им давал инструкции на припадниците на криминалната група при организирање и овозможување на лица-клиенти користење на сексуални услуги. Исто така го наплатувал и однапред договорениот износ на парични средства од клиентите.
Потоа второтпријавениот син на организаторот вршел експлоатација по пат на проституција на женските лица, на начин што организирал и овозможувал на клиентите користење на сексуална услуга во просториите на УО „Филип-Астор“, водел контрола и евиденција на бројот на клиенти кои користеле сексуална услуга и вршел наплата на парични средства од сексуалните услуги.
Пријавените Д.А., Б.Н. и З.Д. имале за задача да ги прифаќаат, превезуваат и контролираат жртвите на трговија со луѓе по дадени инструкции на Р.А.. Исто така пријавените овозможувале на клиентите да користат сексуални услуги. Истите во отсуство на организаторот и неговиот син вршеле и наплата на паричните средства од клиентите кои користеле сексуални услуги.
Пријавениот О.Ч., а потпомогнат од М.А. извршиле регрутирање на жртвата на трговија со луѓе и со употреба на сила, присилба и закани, искористувајќи ја нејзината состојбата на немоќ и ранливост, со психичко и физичко малтретирање, воспоставиле контрола над неа и ја предале на Р.А. заради експлоатација по пат на проституција во УО„Филип-Астор“ во Охрид.
На 14/15.10.2016 година спроведена е акција со цел разбивање на криминалната група, пришто пријавените лица се лишени од слобода, а врз основа на издадени наредби за претрес на дом и други простории од страна на Судија на претходна постапка од ОС Скопје 1 Скопје, извршени се претреси во четири објекти и тоа во домовите кај Р.А., З.Д., О.Ч. и во угостителскиот објект„Филип-Астор“ во Охрид.
При извршените претреси пронајдени и со потврда за одземени предмети одземени се поголем износ на парични средства и тоа 13.350 евра и 3.519 американски долари, персонален компјутер, USB, потоа ловна пушка со девет патрони, 18 куршуми за сигнален пиштол, пиштол марка берета со пет куршуми, 10 телефонски апарати, шест уплатници и една исплатница и возило марка Мерцедес.
Од страна на Судија на претходна постапка на Р.А., Ф.А., Б.Н. и О.Ч. одредена им е мерка притвор во траење од 30 дена, а пак на Д.А. и М.А. им е одредена мерка домашен притвор, додека З.Д. не е изведен пред Судија на претходна постапка поради влошување на неговата здравствена состојба.