Манчевски: Ако двојно се намали данокот за ИТ компаниите, ќе се отворат шанси за младите!

Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, денес во изјава за медиумите истакна:

„Еден од најголемите проблеми со кои се соочуваме денес е како да ги задржиме младите луѓе тука. Тука да работат и тука да ја гледаат својата иднина. Тоа е возможно само доколку обезбедиме шанса за работа и шанса за развој.

Ќе презентирам само еден пример како е тоа можно. Еве тука на овој саем, денес, гледаме многу високо квалификувани и обучени млади луѓе, коишто својата егзистенција ја гледаат овде во Македонија. Ако е тоа така, зошто тогаш на ИТ компаниите не им овозможиме даночни олеснувања?

Доколку данокот на добивка за ИТ компаниите се намали од 10 на 5 отсто, ќе останат повеќе пари за компаниите. Овие пари ќе се вложат за да се отворат нови работни места, коишто ќе бидат повисоко платени работни места за обучени млади луѓе. Тоа ќе е нивната мотивација да останат во државата.

Ете тоа е само еден од примерите како можеме да го спречиме иселувањето на младите и високо-квалификуваните кадри од Македонија. Развојот на компаниите во Македонија, особено на домашните компании, ќе значи и развој на економијата и подобар животен стандард за сите граѓаните.“- рече Манчевски.