Најзначајно е изборниот процес да биде со највисок квалитет. На ова работиме посветено, бидејќи зависно од квалитетот на изборниот процес ќе се постави основа дали на база на претходните препораки на ЕК ќе може да се интензивира евроатланската интеграциска агенда на Република Македонија. Ова е заклучокот од денешната средба на заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за надворешни работи Никола Попоски со германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер.
Вицепремиерот Попоски се сретна и со заменик претседателот на Владата на Молдавија и министер за надворешни работи Андреј Галбур, претседателот на парламентарната група за Југоисточна Европа Штефан Албани, претседателот на Комисијата на германското стопанство за Источна Европа Михаел Хармс, како и со членовите на германскиот Бундестаг, Хајнц Визе, Јоханес Зеле, Јохан Вадефул, Александер Ној и Јосип Јуратовиќ.
„По остварените средби добивме уверување дека и од Германија сите очи ќе бидат насочени кон следење на изборниот процес во Македонија. Добри сигнали се и фактот што и од овие средби, а и од ОДИХР има поддршка за спроведување на масовна и темелна мисија за набљудување на овој изборен процес во Македонија. Во меѓувреме, работиме на обезбедување на што поголем број набљудувачки мисии со што конечно ќе се завери фактот дека Македонија има целосен капацитет за спроведување на успешни, фер и демократски избори“, истакна Попоски од Германија.
Посетата на заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Македонија на Германија беше на покана на Штајнмаер, во рамки на Конференцијата за толеранција и разновидност, во организација на Германското претседавање со ОБСЕ, која се одржа денес во Берлин.