Притворени две лица од струшко Франгово кај кои била пронајдена дрога

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори,“, полициската станица од Струга, поднесе кривична пријава против Л.Г.(22) и Е.М.(23), двајцата од струшкото село Франгово. Во поднесената пријава, Е.М. се сомничи и за сторено казнено дело „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и распрскувачки материи“. Нив, одредена им е мерка притвор во траење до 30 дена.

На 18 овој месец, околу 23 часот, при акција на криминалистичката полиција при СВР Охрид и полициската станица од Струга, пронајдени се 11 килограми зеленкаста тревкаста материја спаковани во најлонска вреќа сокриена меѓу грмушки на локалниот пат Франгово- Калишта.

Акцијата е реализирана на местото „Царски кладенци“ каде пријавениот Л.Г. извесно време ја сокривал најлонската вреќа со тревкаста материја. Тука пристигнал со патнички автомобил „Пежо“ со скопски регистарски ознаки и одкако го паркирал автомобилот, се упатил до местото обраснато со грмушки каде ја сокривал најлонската кеса. Фатен е во момент кога извадил опаковка од еден килограм со тревкаста зелена материја која ја имал со себе која сакал да ја остави во најлонската вреќа, во која претходно сокрил 10 килограми од истата материја.

По добиена наредба, извршен е претрес во домовите на пријавените, при што кај Е.М. во помошна просторија од куќниот двор, пронајдена е една автоматска пушка од кинеско производство и помала најлонска опаковка со бела прашкаста материја.