Работилница на тема „Фитосанитарната стратегија 2016 – 2020”

На 21-ви и на 22-ри Октомври 2016 година во Берово, во соработка со италијанските партнери во рамките на Твининг проектот ИПА 2010 „Понатамошно јакнење на капацитетите на надлежните органи за безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика“, се одржува работилница на тема „Фитосанитарната стратегија 2016 – 2020”. Целта на работилницата е анализирање на конечната нацрт верзија на стратегијата со цел нејзино одобрување.

Фитосанитарната стратегија претставува основа за понатамошен развој на надлежните органи за фитосанитарна политика и дефинирање на нивната улога во фитосанитарната област во наредните пет години. Во наредниот период, во рамките на правната регулатива на Европската Унија од фитосанитарната област, мисијата на сите учесници од надлежните органи за заштита на растенија се фокусира на пронаоѓање на соодветни решенија и одговори за ефикасно споведување на фитосанитарните политики, мерки и стандарди.

Оваа стратегија се донесува врз основа на член 9-а став 2 од Законот за здравјето на растенијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/05, 81/08, 20/09, 57/10, 17/11, 148/11, 69/13 и 43/14).

На работилницата учествуваат директорот на Фитосанитарната управа Ментор Зекири, директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Цветан Трипуновски, директорот на Државната фитосанитарна лабораторија Сузана Кратовалиева, одговорните лица вклучени во воведување и спроведување на фитосанитарната стратегија, како и експертот г-дин Тицијано Галаси.