Каратистите ќе учествуваат на светско првенство во Австрија

Денес во просториите на Агенцијата за млади и спорт се одржа прес конференција по повод учеството на македонската репрезентација на светското сениорско првенство кое ќе се одржи во Линц, Австрија. На пресот свое учество земаа директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески, селекторот на македонската сениорска репрезентација, како и дел од репрезентативците.

Имено, важноста на ова натпреварување е дотолку поголема, ако се знае фактот дека учествуваат преку 1300 натпреварувачи од 118 држави.

„Ова светско првенство е прво големо натпреварување откако каратето беше прогласено за Олимписки спорт и ќе се најде на програмата за ЛОИ во Токио 2020 година.

Тоа подразбира дека конкуренцијата во иднина ќе биде се посилна, а првиот посериозен тест за нашите репрезентативци ќе биде токму ова светско првенство.

Јас сум оптимист и поведувајќи се од искуството дека нашите каратисти во последните неколку години редовно се враќаат со трофеи од големите натпреварувања, верувам и сега ќе го покажат својот квалитет и ќе го продолжат трендот на успеси на големите турнири.

Впрочем, токму ваквите резултати се мотив повеќе Агенцијата за млади и спорт да дава континуирана поддршка на Македонската карате федерација. Имено, за овој настап на СП во Линц од страна на АМС се издвоени 600.000 денари, а за меѓународната програма и за стручната работа на Карате федерацијата, АМС досега има издвоено вкупно 1.840.000 денари.

Голем дел од нашите репрезентативци се и носители на стипендиите, кои ги доделува АМС, како и на највисокото спортско признание, Националното спортско признани – Спортска пензија, со што им оддаваме почит и јавно признание и докажуваме дека државата се грижи и понатаму ќе продолжи да се грижи за врвните спортисти, кои ја промовираат Република Македонија на меѓународната спортска сцена, а од година во година го зголемуваме и бројот на стипендии за млади и талентирани каратисти, чија бројка годинава достигна 25.

Агенцијата за млади и спорт секогаш е почетната точка за тргнување и крајната дестинација на која секогаш враќаат нашите спортисти со освоени одличја на меѓународната спортска сцена. Така нека биде и овојпат. Им посакувам добри настапи и многу медали на сите наши учесници“, – изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.

За претстојното првенство и очекувањата зборуваа нашите најдобри каратисти како Емил Павлов, Пуликсенија Јовановска, Наташа Стефановска и Жарко Арсовски, како и членот на стручниот штаб Горан Милковски.