Кирацовски се сретна со министерот за образование и наука Лутфиу

Денес дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација, м-р Александар Кирацовски оствари работна средба со министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу.

Предизвиците поврзани со можните притисоци врз вработените од јавниот сектор, можностите преку кои треба да се заштитат нивните уставно загарантирани права, предвидените законски санкции за секој оној кој постапил спротивно на законските одредби, како и доследно примена на истите беа предмет на дискусија на средбата со министерот за образование и наука.

Дополнителниот заменик министер Кирацовски, изрази сериозна загриженост за многубројните индиции за политички притисоци врз наставниците, професорите и родителите на учениците во основните и средните училишта во Република Македонија.

Истовремено Кирацовски, ја потенцираше и својата одлучност во рамките на своите овластувања, да ги пресретне и спречи овие појави во пресрет на изборите закажани за 11.12.2016 година.

На средбата обострано беше заклучено дека сите заедно треба да работиме на креирање на услови за фер, демократски и слободни избори.