ТАВ и Виз ер најавуваат: Нова линија Скопје – Хановер од 31 октомври

Авиопревозникот ќе оперира на оваа линија двапати неделно за време на зимската сезона 2016/2017 година. Секој понеделник и петок воздухопловите ќе заминуваат од Скопје, додека во вторник и сабота ќе пристигнуваат од Хановер.

Новата линија Скопје – Хановер со Виз ер од скопскиот аеродром Александар Велики почнува в понеделник, 31 октомври, заеднички соопштија денеска ТАВ Македонија, аеродромскиот оператор и Виз ер, најголемата нискобуџетна авиокомпанија во Централна и Источна Европа.

Првиот авион од Скопје за Хановер на 31 октомври ќе полета во 18:50 часот, а потоа од Хановер ќе пристигне во Скопје на 1 ноември во 00:25 часот. Авиопревозникот ќе оперира на оваа линија двапати неделно за време на зимската сезона 2016/2017 година. Авионите ќе заминуваат од Скопје за германскиот град секој понеделник и петок, а оттаму за Скопје ќе доаѓаат секој вторник и сабота.

„Хановер е 23 дестинација со која Виз ер оперира од скопскиот аеродром Александар Велики, а истовремено деветта дестинација од Скопје и од Македонија до Германија. Задоволни сме од брзата експанзија на мрежата на дестинации на македонските аеродроми што ја постигнавме во изминатите години и ќе продолжиме да работиме на нејзиното натамошно проширување заедно со авиокомпаниите, Владата како наш партнер и сите инволвирани институции во воздухопловството. Очекуваме оваа авиолинија да се покаже како успешна и да ги поврзува нашите патници со Германија, од деловни и образовни причини или пак за одмор и релаксација, а во исто време да донесе и германски туристи и бизнисмени во Македонија“ – изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Како што информираат од Виз ер, седиштата на новата авиолинија Скопје – Хановер може да се резервираат по цени кои почнуваат од 899 денари за билет во еден правец, со вклучени такси и задолжителни давачки, преку веб-страницата на авиокомпанијата www.wizzair.com.

„Радосни сме што воведуваме уште една линија од аеродромот Александар Велики до Хановер. Со цени за билетите почнувајќи од 899 денари, сигурни сме дека оваа линија ќе биде популарна како и другите 22 рути во нашата мрежа во Скопје. И понатаму остануваме посветени на Македонија и ќе продолжиме да ги нудиме најниските можни цени за авиобилети, заедно со одличната услуга во воздухопловот и одличното искуство за време на патувањето. Нашиот пријателски настроен екипаж од Македонија со нетрпение ве очекува да ве пречека за лет на Виз ер со насмевка“ – рече Тамара Валоис, раководител на Одделот за комуникации во Виз ер.

Покрај Хановер, како 23. дестинација на оваа авиокомпанија, скопскиот аеродром е поврзан со 8 други градови во Германија: Берлин, Келн, Дортмунд, Франкфурт, Фридрихсхафен, Хамбург, Минхен и Нинберг, сите управувани од Виз ер.

Скопскиот аеродром Александар Велики нуди директни линии до 33 дестинации, а заедно со охридскиот аеродром Св. Апостол Павле, Македонија во моментов има авионска врска со вкупно 35 дестинации.

ТАВ Македонија ги заврши првите 9 месеци од 2016 година со 17% повеќе патници превезени на двата македонски аеродрома – Александар Велики во Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид, споредено со истиот период минатата година, достигнувајќи вкупно 1.382.714 патници. Во истиот временски период, од јануари до септември 2016 година, бројката на полетувања и слетувања на двата аеродрома во Македонија исто така е зголемена за 11% на вкупно 13.009 летови.