Спасовски: Недозволива е дискриминацијата на Ромите на граничните премини

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на нивно барање, денеска одржа работен состанок со неколку невладини организации кои во претходниот период алармираа за проблемот со дискриминација на Ромите, односно нивно враќање од граничните премини без образложение, на излез од Република Македонија. Министерот Спасовски потенцира дека било каква дискриминација е недозволива и дека ќе бидат преземени соодветни мерки за да се надмине овој проблем, кој е евидентен во последните неколку години.

„Проблемот трае веќе подолг временски период, но кулминира во последно време бидејќи се соочуваме со водење на судски постапки односно поднесување на тужби за дискриминација пред надлежните судови во Република Македонија. Има 41 судски процес за дискриминација при излез од државата на припадници на ромската заедница, а веќе има и неколку правосилни судски пресуди кои претставуваат товар не само за МВР туку и за Република Македонија. Државата ќе мора да плати оштета за нарушување на угледот и честа, затоа што без никакво образложение не им се дозволил излез на припадници на ромската заедница. На денешниот состанок се договоривме дека треба да се достави едно укажување за начинот на постапување на граничните премини кое се однесува пред се на недискриминација, како полова така и расна, политичка, етничка, верска и др. се со цел ваквите појави да бидат минато во Република Македонија. Институциите не смеат да ги рушат честа и угледот на оние заради кои постојат, граѓаните. Укажувањето ќе биде во правец да се почитуваат Уставот и законите“– рече министерот Спасовски.