Хуманитарна акција на основците од „Живко Чинго“ – Велгошти

Учениците од ОУ „Живко Чинго“ повторно ја покажаа својата хуманост на дело. Обединети под мотото „Од децата за децата“, несебично се вклучија во одбележување на Неделата за борба против гладта. Сите ученици од ова училиште заедно со наставничката одговорна за секцијата „Подмладок на Црвен Крст“, во текот на изминатите денови собираа разни прехрамбени продукти и денес ги предадоа на преставниците од Општинската организација Црвен Крст Охрид. Сигурни се дека многу сограѓани, посебно деца, ќе се израдуваат на оваа помош.

Учениците од ова училиште редовно се вклучуваат во хуманитарни акции, со што ја покажуваат својата солидарност и грижа за сограѓаните кои живеат во тешки социјално – економски услови и секојдневно имаат проблем да се прехранат.

„Задоволство е да си хуман, да помагаш и да знаеш дека правиш добро дело“. – велат учениците од ОУ Живко Чинго.

ОУ „Живко Чинго“ од Велгошти ќе продолжи да ги развива хуманоста, солидарноста, одговорноста и грижата за други кај своите ученици, реализирајќи ги хуманитарните активности планирани со Годишната програма за работа, а во соработка со ОО Црвен Крст Охрид.