Подмладоците на политичките партии потпишаа декларација за фер избори

Во пресрет на претстојните предвремени парламентарни избори, 22 подмладока на политички партии денеска потпишаа декларација за слободни, фер и демократски избори.

Подмладоците на политичките партии со декларацијата се обврзуваат дека ќе се заложат за одржување фер и демократски избори и нема да ги заплашуваат граѓаните да го дадат својот глас за одредена партија, за подобрување на демократската клима во изборниот процес, за јавна осуда на секаков чин на насилство, како и за необјавување клевети, навреди и манипулации.

Потписниците, меѓу другото, се обврзуваат и дека ќе се залагаат за отстранување или минимализирање на говорот на омраза, дека ќе водат чесна и фер медиумска кампања и оти нема да го отстрануваат пропагандниот материјал на другите партии.

Билјана Јанева, извршен директор на Институт „Охрид“, кој е и организатор на потпишувањето на декларацијата, истакна дека нејзината важност се темели, пред сè, како што рече, на фактот дека младите политичари се сè погласни во партијата и во општеството и оти нивниот глас сè повеќе се слуша.

Тие, рече Јанева, се и идните носители на одлуки и предводници на новата генерација политичари кои треба да ги изградат темелите на здравиот политички дијалог.

Извор: meta.mk