Претседателот Иванов во посета на Македонската академија на науки и уметности

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска ја посети Македонската академија на науките и уметностите каде што оствари средба со претседателот на МАНУ г. Таки Фити и со членовите на Претседателството на Академијата.

На средбата, која се одржа во пресрет на посетата на претседателот Иванов на Бугарската академија на науки, беа разменети мислења и информации во врска со стратешките правци и теми од интерес за Република Македонија, како и за сегашните и идните активности на Македонската академија на науките и уметности.

Претседателот Иванов и членовите на МАНУ разговараа за евроатлантските интеграции на нашата држава, за регионалната соработка и добрососедските односи, како и за соработката на МАНУ со академиите на соседните држави во насока на поттикнување на култура на заемно разбирање и почитување. Тој ги поздрави напорите и активностите на МАНУ за поблиска и поинтензивна научна соработка со академиите од соседството и од регионот, и притоа нагласи дека таквиот начин на комуникација и соработка ќе даде дополнителен импулс на добрососедските односи, негувањето на заедничките вредности и градењето доверба.

Во таа насока, претседателот Иванов ги запозна академиците со ангажманите и активностите кои ги презема во градењето на добрососедските односи, за приоритетите на Република Македонија во регионалната соработка како и за приоритетите на Самитот на „Брдо-Бриони процесот” на којшто следната година домаќин ќе биде претседателот Иванов.

Македонскиот претседател истакна дека како и досега така и во иднина, ќе ја поддржува Академијата во нејзината работа за унапредување и развој на науката, уметноста, културата и образованието, и ќе ги подржува иницијативите насочени за создавање услови за подобра иднина на граѓаните на Република Македонија.

Претседателот на МАНУ г. Таки Фити и членовите на Академијата изразија задоволство од средбата со претседателот Иванов, на која го информираа за идните активности и проекти на Академијата, како и за научната соработка и конкретните иницијативи кои заеднички ги реализираат со академиите на други држави, особено со Бугарската академија на науки.
Следно >