Запленети мобилни телефони, рачни часовници, цигари и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани мобилни телефони, рачни часовници, цигари, футроли за очила, нишесте, апарати за обработка на овошје и зеленчук, мрежи за лов на риби, бор-машини, компресори за гуми и сообраќајна дозвола.
Задржана е следната стока:

Мобилни телефони и часовници

– 25 мобилни телефони и 5 рачни часовници, откриени во два одвоени случаи на скопскот аеродром Александар Велики.

Во првиот случај, при контрола на личниот багаж и куферите на српски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул, биле пронајдени 21 мобилни телефони, од марките Iphone 6, Iphone 7 и Samsung Galaxy, и 5 рачни часовници од марките Casio, Bulova, Breitling и Movado. Непријавените телефони и рачни часовници се привремено задржани, а против патникот ќе биде поднесена прекршочна постапка.

Во вториот случај, при личен претрес и контрола на багажот на македонски државјанин кој допатувал со лет од Цирих, биле пронајдени 1 нов мобилен телефон Iphone 7 и 3 употребувани мобилни телефони Iphone 6. Непријавените телефони се привремено задржани, а против патникот е поднесена прекршочна постапка

Цигари, футроли за очила и шампони

– 10 штеки цигари со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на македонски влекач, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата, на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените цигари, пронајдени во кеса и во патна торба сместени на креветите во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

– 189 футроли за очила, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените футроли, пронајдени во картонска кутија сместена во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против патникот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 147 шампони од 250ml, откриени при контрола на македонски автобус, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените шампони, пронајдени во куфер сместен во просторот за багаж, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Нишесте, електрични апарати, мрежи за риби, алат и сообраќајна дозвола

– 250 килограми нишесте и 2 апарати за обработка на овошје и зеленчук, откриени при контрола на унгарски камион, управуван од унгарски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, пронајдени во товарниот дел на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 2 мрежи за риби, откриени при личен претрес на македонски државјанин кој, како сопатник во македонски автомобил, се пријавил за влез во државата, на граничниот премин Свети Наум. Мрежите, пронајдени под јакната на патникот, се привремено задржани а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 8 бор-машини и 9 мини компресори за пумпање гуми, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автобус кој сообраќал на редовна линија Дортмунд – Скопје, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, сопственост на македонски државјанин кој патувал со автобусот, се пронајдени под седиштето на патникот и на полиците за багаж во внатрешноста на автобусот. Производите се привремено задржани а против патникот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 1 голема и 1 мала бугарска сообраќајна дозвола, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Делчево. Сообраќајните дозволи, пронајдени во фиоката за документи, припаѓале на бугарско возило, сопственост на патникот, кој изјавил дека истото го продал за делови, а табличките ги одјавил во Бугарија. На тој начин патникот го пуштил возилото во слободен промет, без претходно да биде ставено во пропишана царинска постапка и без да бидат платени увозни давачки, со што сторил царински прекршок.