Засадени садници во рамки на акцијата „Ден на дрвото“

Министерот без ресор Џери Наумов во придружба на претседателката на Советот на општина Охрид, Гордана Коњановска и заменик градоначалникот, Ангел Јанев, денес во паркот на Кејот засадија дрвца во рамки на акцијата „Ден на дрвото – Засадија ја својата иднина“. Дрвца засaдија и кандидадите за пратеници во ИЕ5, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски.

Министерот без ресор Џери Наумов, потенцираше дека од огромно значење е засадувањето на нови садници, бидејќи зеленилото е важно за прочистување на воздухот и додаде дека ваквите акции треба да бидат се почести.

Ваквите акции се само уште еден показател за континуираната грижа на Локалната самоуправа кон околината.

„Општината со низа активности во нејзина надлежност постојано работи на унапредување на квалитетот на животната средина и на нејзината заштита. Ова е една извонредна можност за да се приклучиме кон нешто што е организирано на ниво на државата и што доби карактер на традиција и плодовите од овие акции и јас искрено се надевам дека ќе ги жнеат идните генерации“, рече Коњановска.

ЈП „Охридски Комуналец” традиционално се вклучи во акцијата, донираше околу 300 зимзелени садници од видот „аризонски чемпрес” и „туја”, кои се од сопствено производство на претпријатието и беа засадени на повеќе локации во градот, а дел беа донирани на средните и основните училишта. Исто така се садеше на потегот од „Билјанини извори” до Хотел „Славија” помеѓу двете коловозни ленти.

Покрај во паркот кај кејот, се садеше и на Мауцкер каде ученици од средните училишта, извидници и претставници од Локалната самоуправа засадија дрвца. Исто така во акцијата беа вклучени и основците кои садеа дрва во рамки на своите училишта.

WebOhrid