Мизо: Идната недела на владина седница ќе се формира индустриската зона Косел

„Точно три години сега почетокот на декември изминуваат од моментот откако се воспоставија првите контакти со ОДВ Електрик, на еден глобален конгрес од автомобилската индустрија кој се одржа во Берлин. Компанијата во релативно краток временски период од 4 и пол месеци ги направи анализите, Македонија беше споредена со други локации како што се Србија, Бугарија, Романија, Молдавија и Белорусија и одлучија да дојдат токму овде во Охрид. Во моментов веќе 220 луѓе работат во оваа компанија, во постоечки „браунфилд“ објект и таму се произведуваат компоненти за автомобилска индустрија кои одат во некои од најпознатите светски брендови како Мерцедес, БМВ, Порше, Фолксваген, и она што е важно е дека оваа компанија веќе ја завршува градбата на својот објект од околу 4.500 квадратни метри. Кон крајот на овој месец или почетокот на јануари ќе почне внесувањето на опремата, што значи дека во рамките на првиот квартал идната година, целото производство ќе биде пренесено во ТИРЗ во Струга, со тоа што плановите  на оваа компанија за зголемување на бројот на вработени драстично ќе се отворат можности за повеќе вработувања.“- истакна Директорот на  Дирекцијата за технолошко-индустриски зони, Виктор Мизо, кој денеска беше во посета на новата фабрика на ОДВ Електрик во охридскиот регион.

Освен технолошко индустриски зони и креирање на потенцијалите „гринфилд“ инвестиции, паралелно се работи и на „браунфилд“ инвестиции.

„Пред се, и мислам дека најпозитивен пример до сега во Македонија е случајот на Костал, она што се случи со поранешен објект на ЕМО, бидејќи се започна на простор од околу 6.000 квадратни метри. Тие планираат да закупат уште околу 12.000 квадратни метри во самиот комплекс. Некаде идната недела на владина седница ќе се формира индустриската зона Косел, со која ние како Дирекција за технолошко-индустриски развојни зони според законот за ТИРЗ, ќе ја имаме во наша надлежност. Што значи, тука ние ќе помогнеме не само на Костал, туку и на други потенцијални компании, во целиот тој комплекс, кадешто ќе може да се адаптираат некои од постоeчките објекти. Она што е важно е дека голем дел од тие објекти од ЕМО се изградени во 80тите години што значи дека тие се во добра состојба и потенцијално, со мала репарација и адаптација може да бидат релативно брзо адаптирани, бидејќи за многу од овие компании е важно што побрзо да почнат со работа. Дополнително, овие два компании кои ќе вработат околу 2000 луѓе и кои се најпознатите компании во она што го произведуваат, важно е да се каже дека веќе вработените во овие компании, значи над 300 луѓе работат во моментов во Костал и ОДВ Електрик, голем дел од нив беа во нивните филијали во Украина, Унгарија, Ирска и Германија. Што значи дека најновите светски стандарди се задоволени и во моментов се применуваат овде во охридскиот регион.“ – додаде Мизо.

izjavasasovasilevski

Според кандидатот за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во ИЗ5, д-р Сашо Василевски,  развојот на индустриско-технолошките зони е од особен интерес на граѓаните на Охрид и охридскиот регион.

„Во Програмата „Реално“ во периодот кој треба да следи од 2017 до 2020 година идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ особен фокус ќе даде на технолошко индустриските развојни зони, и како охриѓани и охридски регион за нас ова е од особен интерес. Сакам само да потсетам и на младите генерации, дека Охрид беше еден од најбрутално збришаните градови во најкриминалната и црна транзиција во 90-тите години каде што беа опустошени преку 34 компании и 24 илјади наши сограѓани беа исфрлени на улица. Охрид ја добива својата реална перспектива со оформувањето на технолошко индустриските развојни зони особено на ТИР зоната Струга каде што е во завршна фаза и пред отпочнување на работа првата гринфилд инвестиција во охридско-струшкиот регион, а тоа е компанијата „ОДВ-Електрик“. Во идната технолошко-индустриска развојна зона во Косел веќе функционира како браунфилд инвестиција „Костал“, кои обете како врвни германски компании од автомобилската индустрија треба да ангажираат непосредно преку 2000 луѓе плус добавувачи кои ќе бидат соработници на истите компании.“ – рече Василевски.

WebOhrid