Едно лице го загуби животот во сообраќајка на патот Охрид – Струга

Едно лице го загуби животот во тешката сообраќајна незгода што синоќа во 21 часот и 15 минути се случи на магистралниот пат Охрид-Струга во близина на бензиската пумпа „Бесјани“. Од здобиените повреди, во општата болница во Охрид, починал Благоја Р.(37) од струшкото село Мороишта, кој претходно во тешка здравствена состојба од местото на несреќата, со возило на Брза помош, бил префрлен во Општата болница во Охрид.

Сообраќајната незгода се случила кога сега починатиот, управувајќи патничко моторно возило „Киа“ со струшки регистарски ознаки во правец од Струга кон Подмољје, изгубил контрола врз автомобилот и со предниот дел удрил во метална канделабра и ограда со бетонски столбови. Од силината на ударот, возилото се превртело на кров и излетало надвор од патот.

По наредба на Јавен обвинител, на местото на сообраќајната незгода, увид извршија полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид. Притоа, полициски службеник вршеше наизменично регулирање на сообраќајот и немаше застој во одвивањето на сообраќајот.

Според насоките на јавниот обвинител, врз телото на починатиот денеска ќе биде извршена обдукција и дополнително вештачење врз патничкиот автомобил.