Промовирано ДВД-изданието „Охрид во моите спомени“ од Илче Стојаноски

Во рамки на одбележувањето на 8 Декември-Денот на заштитникот на Охрид, Св.Климент Охридски, денеска напладне во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше промовирано ДВД изданието „Охрид во моите спомени“ од Илче Стојаноски. На промоцијата за ДВД изданието, во кое во аудио формат се поставени 80 получасовни документарни емисии, зборуваше Симон Илиевски, а паралела за неговите и аудио записите на неговиот татко направи Проф. Д-р. Драги Стефанија.

promocija_ilcestojanoski_071220164855

-Новинар по професија, охридољубец по душа, врвен документарист и истражувач, Стојаноски во својот работен век, на минатото на Охрид, ќе му даде висок приоритет креирајќи го неколку деценискиот проект „Кажвиме да не се заборајт“ . Од овие аудио записи започна и со нив завршува истражувачкиот документаристички круг на Илче Стојаноски, посветен на спомените за Охрид.Спомените на мноштво охриѓани, како документарни емисии беа емитувани на Радио Охрид, потоа Стојаноски ги преточи во пишувана форма, а сега ни ги подарува на современ носач на звук, преку кој овие сведоштва ќе и бидат уште подостапни на широката јавност. Нескромно, но јас велам, тоа е врвот на мајсторијата и професионалниот однос на Стојаноски кон истражувачката документаристиката.

promocija_ilcestojanoski_071220164852

„Истражувачката документаристика, во теоријата и практиката се вбројува во најсложените новинарски форми, во кои се и документарниот радио пакет и документарната репортажа. ДВД изданието „Охрид во моите спомени“ е вистински пример за почитување на највисоките професионални стандарди во овој жанр.Илче Стојаноски во своите трудови става авторски печат почитувајќи ги истражувачко аналитичките постапки во автентичните тонски материјали кои сведочат за настани, појави и луѓе. Сведоштвата, со професионалната авторска обработка, во случајот на Стојаноски, се претвораат во специфична документарна форма, карактеристична за врвните професионалци“– рече на промоцијата, новинарот Симон Илиевски.

promocija_ilcestojanoski_071220164854

Од документаристичкото богатство, авторот Илче Стојаноски досега ги има објавено двете книги „Кажвиме за да не се заборајт„ , објавени и промовирани во 1996 и 2003 година , како и книгите „Охридски времеплов 1848-1948“ и „Охридски вистини-случки,приказни и факти“ .За својата упорна и професионална работа е добитник на повеќе високи признанија, меѓу кои се наградата на Здружението на новинарите на Македонија во 1999 година и наградата ГРАН ПРИ за документарната емисија „Афродита Охридска“ и Повелбата „Свети Климент Охридски“ што од Општина Охрид ја доби во 2007 година, за особен придонес во развојот на културата.

На денешната промоција, авторот на ДВД- изданието „Охрид во моите спомени“ Илче Сојаноски изрази благодарност за финансиската поддршката на Општина Охрид и на неговите најблиски кои помогнале да го реализира овој проект.

promocija_ilcestojanoski_071220164853