Василевски: Во програмата „Реално“ опфатен е и проектот за изградба на ски-центар на планината Галичица

Туризмот во Република Македонија станува се позначајна гранка и е еден од најбрзо растечките економски сектори во нашата држава кој од година во година генерира се повеќе работни места, поголем девизен прилив, а со тоа и економски раст и пораст на животниот стандарт на македонските граѓани. ВМРО ДПМНЕ продолжува да работи на подобрување и збогатување на туристичката понуда на Охрид, не само на летниот туку и на зимскиот туризам. Во програмата на ВМРО ДПМНЕ наречена РЕАЛНО за 2016-2020 година опфатен е и проектот за изградба на ски-центар на планината Галичица. Ова го истакна на денешната прес-конференција кандидатот за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ5, д-р Сашо Василевски.

Како што рече тој, целта на овој проект е да се придонесе во економскиот развој на регионот преку развивање на туризмот во зимскиот период, со почитување на начелата нa зачувување на културните и природните наследства и вредности, еколошката одржливост и подобрување на квалитетот на живеење.

presssasovasilevski2

„Ски ресортот Галичица ќе биде комбинирано планинско и езерско одморалиште кое се предвидува да биде во функција во текот на целата година. Истиот ќе овозможи развој на зимски и летни рекреативни активности, разновидни и иновативни туристички услуги, со уникатно искуство за туристите кое го нуди недопрената природна на националниот парк Галичица и поглед на прекрасната Охридска ривиера и Преспанското Езеро. Согласно со изработената студија за изводливост и со концептот на главниот план се предвидува две зони за сместувачки капацитети, една од охридксата страна, а другата од преспанската страна. Од двете страни ќе водат жичарници-гондоли до скијачките терени кој ќе се наоѓаат на западните падини на Галичица. На охридската страна, на самиот брег кај локалитетот Градиште ќе има одморалиште со хотел од висока категорија и 200 соби, како и 300 апартмански единици, со вкупно 1.600 легла. Локалитетот наречен Горно Пештани е планинско село кое ќе се развива околу отчетната станица на гондолата, со 4 хотели и 600 соби, 99 вили и 128 апартмански единици со вкупно 2.306 легла. Ресортот на локалитетот во близина на Отешево е опциона варијанта, со 4 хотели и 337 соби, 19 вили и 45 апартмански единици, со вкупно 968 легла. Самиот ски-центар ќе има капацитет од 3.000 на ден, гондола, три ски-лифта и три подвижни ленти, 16 км скијачки патеки со вкупна површина од 48 хектари, од кој 19 хектари ќе бидат покриени со систем за вештачки снег.“ – истакна Василевски.

Тој додаде дека со овој капитален проект ќе се направи пресврт во сезонскиот карактер на туризмот во Охрид со зимска понуда.За овој проект е предвиден буџет 148 милиони евра проценета вредност.

„ВМРО ДПМНЕ е партија која неуморно работи и гради просперитетна и економски силна држава, искористувајќи ги сите ресурси кои ги нуди природата на нашата земја, а со цел подобрувајќи го стандардот на нашите граѓани. Затоа граѓаните РЕАЛНО ја препознаваат разликата и несомнено на 11 декември ќе го заокружат бројот 1.“- додаде Василевски.

WebOhrid