Состојба на избирачките места според МОСТ

Граѓанската асоцијација МОСТ го следи денешното гласање со повеќе од 3.000 набљудувачи. На гласачките места се распоредени 2.664 набљудувачи кои покриваат околу 55% од гласачките места во Република Македонија.

Набљудувачите на МОСТ се статични, и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, МОСТ има и мобилни тимови, составени од по 2 набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги повремено ќе ги набљудуваат местата на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи.

Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.

Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори, отворени се сите гласачки места на кои МОСТ има распоредено свои набљудувачи. Гласачкото место 1036 во општина Куманово е отворено со 15 минутно задоцнување. Гласачкото место 2210 во општина Велес е отворено со 30 минутно задоцнување поради тоа што немало електрична енергија.

Досега, забележано е:

  • ГМ 1580/1, општина Радовиш, еден гласач го фотографирал гласачкото ливче со мобилен телефон. Избирачкиот одбор не забележал и не реагирал. Избирачкиот одбор продолжува со толерирање на фотографирањето на ливчињата.
  • ГМ 2556, општина Ѓорче Петров, еден гласач го фотографирал гласачкото ливче. Повикана е полиција. Ливчето било изолирано и ќе биде сметано за неважечко.
  • ГМ 1778, општина Ново Село, едно лице агитирало пред гласачкото место. Дошла полиција за да го приведе, но лицето побегнало.
  • Пред ОУ Димитар Влахов во општина Штип присутни се неовластени лица кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат во објектот.
  • ГМ 1849, општина Струга, еден гласач гласал и повторно се вратил во гласачкото место за да гласа по втор пат. Избирачкиот одбор не му дозволил да гласа, била повикана полиција и гласачот бил отстранет од гласачкото место.
  • ГМ 2557, општина Ѓорче Петров, гласач гласал со вклучена камера на мобилниот телефон. По проверката од страна на избирачкиот одбор во телефонот не била пронајдена фотографија, па случајот бил третиран како обид за фотографирање.
  • ГМ 0281, општина Валандово, гласач го фотографирал ливчето. Избирачкиот одбор повикал полиција по што гласачот бил отстранет од гласачкото место, а фотографијата била избришана.
  • ГМ 1219, општина Неготино, гласач јавно кажал за кого гласал.
  • ГМ 0624, општина Демир Хисар, член на избирачкиот одбор кој што гласа на истото место јавно пред сите изјавил за кого ќе гласа и гласал на масата пред останатите членови од избирачкиот одбор.
  • ГМ 2011, општина Теарце, едно ливче било откинато од кочанот заедно со серискиот број. За случајот е известена ОИК Теарце.
  • ГМ 0473, општина Маврово и Ростуше, член на ИО ги евидентира гласачите кои гласаат во посебен список и истиот го предава на неовластено лице.
  • На ГМ 0558, општина Центар Жупа, влегло неовластено лице кое се претставило како партиски набљудувач, но не поседувало акредитација, по што избирачкиот одбор го отстранил од гласачкото место. Лицето останало присутно пред вратата на гласачкото место и ги евидентира гласачите.
  • Во ОУ „Јане Сандански“ во општина Центар во ходникот било присутно неовластено лице кое на гласачите од ромска националност им укажувало за кого да гласаат. После извесно време лицето бил отстрането од страна на избирачкиот одбор.
  • Пред ГМ 0740, општина Кичево, присутни се неовластени лица кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат во објектот.
  • Пред други два објекти во општина Кичево во кои се сместени 6 гласачки места присутни се неовластени лица кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат во објектот.
  • Пред ОУ „Наум Наумовски Борче“ во општина Гази Баба во кое се сместени 11 гласачки места присутни се неовластени лица кои агитираат.
  • ГМ 2464, општина Чучер-Сандево, неовластено лице агитира пред гласачкото место.
  • ГМ 0845, општина Кочани, 12 гласачи јавно гласале со покажување на своите гласачки ливчиња.
  • Случаи на фотографирање на гласачките ливчиња се забележани во ГМ 2561, општина Ѓорче Петров каде не реагирал избирачкиот одбор и ГМ 1644 во општина Ресен, каде што имало реакција од избирачкиот одбор и бил направен записник.
  • Фотографирање на гласачкото ливче е забележано и во ГМ 1612, општина Конче, по што избирачкиот одбор го предупредил гласачот дека тоа е незаконски.
  • ГМ 0882, општина Чешиново-Облешево, активист на одредена политичка партија кој не бил овластен да присуствува на гласачкото место не дозволил член на семјество да му помогне на гласачот и тоа го направил тој. Членовите на избирачкиот одбор реагирале и побарале од претседателот случајот да влезе во записник, по што активистот му се заканил на претседателот дека ако го стори тоа ќе добие отказ од работа.
  • ГМ 1152, општина Старо Нагоричане, иако слепо лице дошло да гласа заедно со член од семејството кој требало да му помогне, избирачкиот избор не дозволил и на лицето му помогнал член на избирачкиот одбор предложен од политичка партија.
  • ГМ 1086/1, општина Куманово, откако член на семејството му помогнал на слепо лице да гласа без да побара дозвола од избирачкиот одбор, член на избирачкиот одбор го поништил гласачкото ливче.
  • ГМ 1058, општина Куманово, во три случаи претседателот на избирачкиот одбор не дозволил придружбата да им помага на гласачите кои не можат да гласаат сами и тоа го направил самиот тој. Бил опоменат од членовите на избирачкиот одбор. На истото место избирачкиот одбор не бил информиран дека поседува два изводи од Избирачкиот список. 6 луѓе кои не биле пронајдени во Избирачкиот список за граѓани кои се во РМ биле упатени во ОИК. Кога подоцна сфатиле дека има уште еден извод за граѓани кои се во странство и го провериле, пронашле 3 од 6-те лица на кои претходно не им било овозможено да гласаат.
  • ГМ 1986, општина Тетово, член на избирачкиот одбор од политичка партија откинал 5 гласачки ливчиња и му ги дал на друг член од политичка партија, кој отишол позади параванот и гласал. Гласачките ливчиња стуткани биле ставени во гласачката кутија.
  • ГМ 2557, општина Ѓорче Петров, гласал гласач кој не бил запишан во Избирачкиот список за тоа гласачко место. Избирачкиот одбор ќе направи записник и ќе го извести избирачкиот одбор од избирачкото место во кое е запишан гласачот дека истиот гласал на погрешно гласачко место.
  • ГМ 2809, општина Центар, на гласач кој имал траги од мастило му било дозволено да гласа. Член на избирачкиот одбор бил отстранет бидејќи не бил запознат со постапката на гласање и ги обележувал гласачите со спреј на двете раце.
  • ГМ 2773, општина Аеродром, забележани 4 случаи во кои не е проверено дали гласачите имаат трага од невидливо мастило, 2 случаи на нарушување на тајноста на гласањето, 4 случаи на семејно гласање, при што биле 10 злоупотребени гласа.
  • ГМ 2733/1, општина Аеродром, на местото во Избирачкиот список на гласач кој дошол да гласа веќе било потпишано друго лице. По 10-минутна дискусија на избирачкиот одбор, на гласачот му било дозволено да гласа, при што се потпишал на друго место во Избирачкиот список. Во меѓувреме дошол друг гласач кој не бил запишан во Избирачкиот список и му било дозволено да гласа во име на негов роднина, по што гласањето било прекинато 10 минути бидејќи дел од членовите на избирачкиот одбор се побуниле поради тоа. Во текот на дискусијата редот пред гласачкото место го воспоставувал партиски набљудувач.
  • ГМ 2731 и ГМ 2719, општина Аеродром, на 3 гласачи со траги од невидливо мастило им било дозволено да гласаат.
  • ГМ 2737, општина Аеродром, гласач увидел дека некој веќе се потпишал на неговото место во Избирачкиот список. Избирачкиот одбор му дозволил да гласа, а гласачот се потпишал на друго место во списокот. На истото гласачко место има 5 случаи на семејно гласање при што биле злоупотребени 12 гласа.
  • ГМ 2674, општина Аеродром, на член на избирачки одбор од друго гласачко место му било дозволено да гласа иако имал траги од невидливо мастило, со образложение дека претходниот ден спроведувал предвремено гласање.
  • ГМ 1105, општина Липково, УВ ламбата не била користена во текот на 1 час.
  • ГМ 2650, општина Карпош, членот на избирачки одбор од политичка партија го изнесол изводот од избирачкиот список надвор од гласачкото место. Друг член пријавил во полиција по што лицето било отстрането од гласачкото место, а за случајот била известена и ДИК.
  • ГМ 1905/1, општина Струга, партиски набљудувачи ја вршат работата на членовите на избирачкиот одбор.
  • ГМ 0677, општина Кавадарци, гласањето било прекинато 30 минути бидејќи еден гласач го скинал ливчето од член на семејството, сакал да ја искрши и кутијата, но бил спречен од избирачкиот одбор. Гласачот го напуштил гласачкото место со скинатото ливче. Била повикана полиција која направила записник и гласањето продолжило.
  • ГМ 0637, општина Демир Хисар, член на избирачкиот одбор од политичка партија ги евидентирал гласачите во посебен список.
  • ГМ 1540, општина Пробиштип, партиски набљудувач водел евиденција кој гласа. Ако не го знаел името и презимето на гласачите се консултирал со членовите на избирачкиот одбор од неговата партија.
  • Вршење поткуп на гласачи од ромска националност пред училиштето Санде Штерјоски во Кичево. Откако биле забележани од координаторот и мобилниот тим на МОСТ се префрлиле на друга локација.
  • Едно лице агитирало пред ОУ „Александар Урдаревски“ во општина Чучер-Сандево во кое се сместени 2 гласачки места.
  • ГМ 2269, општина Штип, членови на политичка партија агитирале пред гласачкото место.
  • Пред ГМ 2470 во ОУ „Кирил и Методиј“, општина Чучер-Сандево, се вршела агитација.
  • ГМ 0278, општина Пласница, син на носител на јавна функција и набљудувач од политичка партија биле на раб на физичка пресметка, била повикана полиција која го отстранила првото лице, но истото останало пред гласачкото место и продолжило да агитира.
  • ГМ 2833, во ОУ „11 Октомври“, општина Центар, гласач го сликал ливчето, што било забележано од страна на избирачкиот одбор и не било дозволено да се стави ливчето во кутија и била повикана полиција, поднесена е кривична пријава за гласачот. По одлука на избирачкиот одбор ливчето било ставено во кутијата.
  • ГМ 2715, во ОУ „Александар Македонски“ општина Аеродром, гласач фотографирал гласачко ливче. Избирачкиот одбор го прифаил ливчето како важечко, но фотографијата била избришана и гласањето продолжило без прекин. Не била повикана полиција.
  • ГМ 2559, во ОУ „Димитар Поп-Георгиев Беровски“ општина Ѓорче Петров, гласач го фотографирал ливчето и го ставил во кутијата. Избирачкиот одбор доцна реагирал, била повикана полиција и бил направен записник.
  • ГМ 1719, детска градинка, општина Струмица, гласач го фотографирал ливчето што било забележано од страна на избирачкиот одбор и бил направен записник. Земени биле податоци од гласачот, а ливчето било ставено во гласачката кутија.
  • ГМ 1928, ОУ „Наим Фрашери“, општина Тетово, гласач се обидел да го фотографира гласачкото ливче при што бил забележан од страна на избирачкиот одбор, била повикана полиција и лицето било приведено.
  • ГМ 2806/1, Центар за рехабилитација и образование „Св. Наум“, општина Центар, гласач го фотографирал ливчето и насилно го ставил во кутијата. Влегол во расправија со избирачкиот одбор, им се заканил и заминал. Избирачкиот одбор не повикал полиција.
  • ГМ 0026, општина Пехчево, гласач го фотографирал ливчето и го ставил во кутијата. Ова било внесено во дневникот и била известена општинската изборна комисија. Фотографијата била избришана, но не била повикана полиција.
  • ГМ 1824, општина Босилово, гласач го фотографирал ливчето и го ставил во кутијата, по што реагирале партиските набљудувачи. Бил повикан член на ОИК и бил направен записник.

Според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно пребројување на гласовите), која претставува математичко-статистичка научна метода, одѕивот на гласачите по изборни единици е следниот:

ИЕ 1 – до 14 часот – 48,32%, до 15 часот – 55,45%, до 16 часот – 61,50%, до 17 часот – 66,90%, до 18 часот – 71,44%

ИЕ 2 – до 14 часот – 41,80%, до 15 часот – 48,62%, до 16 часот – 54,48%, до 17 часот – 59,92%, до 18 часот – 64,09%

ИЕ 3 – до 14 часот – 47,18%, до 15 часот – 53,82%, до 16 часот – 59,90%, до 17 часот – 65,38%, до 18 часот – 70,31%

ИЕ 4 – до 14 часот – 48,01%, до 15 часот – 55,48%, до 16 часот – 62,12%, до 17 часот – 68,28%, до 18 часот – 72,95%

ИЕ 5 – до 14 часот – 41,89%, до 15 часот – 48,02%, до 16 часот – 53,60%, до 17 часот – 58,62%, до 18 часот – 62,25%

ИЕ 6 – до 14 часот – 32,77%, до 15 часот – 39,13%, до 16 часот – 43,84%, до 17 часот – 47,49%, до 18 часот – 50,28%

Во текот на денот на бесплатната телфонска линија 080 080 080 и на neregularnosti.most.org.mk беа примени 60 пријави за граѓани кои не се запишани во Избирачкиот список.

Проектот „Домашно набљудување на предвремените парламентарни избори 2016“ е поддржан од: Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, УСАИД преку Националниот демократски институт, Швајцарската агенција за развој и соработка, Амбасадата на Кралството Холандија и Националниот фонд за демократија.

Ставовите во ова соопштение се одговорност на МОСТ и не ги одразуваат секогаш ставовите на поддржувачите на проектот.