Во Факултетот за туризам и угостителство отворена ботаничка градина

Денес, во Факултетот за туризам и угостителство, свечено беше отворена ботаничката градина, која се реализира како дел од WaterNet проектот. Во неа ќе се одгледуваат голем број на зачини и зеленчуци кои ќе се користат за потребите на факултетот.

„Ова е еден од подобрите моменти на нашата соработка, меѓу Република Македонија и Грција. Покажавме дека Охрид и Едеса, градовите преку границата можат многу да соработуваат и остваруваат корисни проекти за двете заедници. Се надевам дека ова ќе биде само еден почеток кој ќе биде мотивирачки и инспирирачки за сите нас кои како субјекти сме инволвирани во реализација на оваа прекугранична соработка и во иднина да остваруваме и поголеми проекти,“ рече градоначалникот Никола Бакрачески.

Ботаничката градина се работеше според пример на градините кои се користат во најпознатите институти за гастрономија во Европа.

„Ова е една мала ботаничка градина, но можам да кажам дека често пати иновативните идеи во многу сфери, не се поврзани со големи дела, туку со мали работи кои наеднаш ќе ги отворат вратите кон одредени понатамошни успеси што треба да ги направиме. Кога ја разработувавме ваквата идеја со некои од најпознатите институти за гастрономија, видовме дека токму тие го користат овој концепт. Студентите можат да се запознаат со зачините и билките на самото место, да ги одгледуваат, а потоа да ги користат. Она што ја дефинира и нашата кујна се зачините кои ги дефинираат вкусовите и затоа особено внимание се посветува на овој дел“, истакна ректорот Сашо Коруновски.

На настанот присуствуваше и директорот за туризам на Едеса, Евангелос Киријаку, кој ја потврди добрата соработка помеѓу општините во реализацијата на проектот и изрази голема благодарност до градоначалникот и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ за посветеноста во имплементацијата на WaterNet проектот. Претходно во хотел Милениум се одржа семинар на кој беа презентирани резултатите од спроведувањето на проектот. Овој проект е прв од ИПА програмата кој е реализиран во рамките на општина Охрид. Проектот како главна цел ја има водата, нејзиното значење врз целокупниот развој на човештвото, што претставува клучен елемент кој ги спојува двата града Охрид и Воден.

Како дел од овај проект кој се реализира со средства од ИПА програмата е и изградбата на 200 метра од атрактивната пешачка патека која се протега од каналот Студенчишта до хотел Парк, неодамна поставениот туристички Инфо центар во центарот на градот и набавката на кујна во Факултетот за туризам.

Инаку проектот WaterNet се состои од четири партнери и тоа општина Охрид и општина Едеса, како и Институтот за технолошки науки „Александар“ од Солун и Факултетот за туризам и угостителство од Охрид. Реализацијата на проектот започна во јуни минатата година.