Уште едно издание на Вевчанскиот карневал-една од најголемите и најуникатни културни знаменитости во државата

Општина Вевчани денеска ја презентираше програмата за претстојното издание на Вевчанскиот карневал 2017, една од најголемите и најуникатни културни знаменитости во државата.

На презентацијата на програмата учествуваа дел од музичките изведувачи кои ќе настапат на годинашното издание, заменик министерот за култура, Драган Недељковиќ и Градоначалникот на општина Вевчани, Цветомир Угриноски.

Вевчанскиот карневал се одржува еднаш во годината и го слави доаѓањето на Новата година според стариот календар.

Вевчанци секоја година ја негуваат традицијата која трае со векови, и се маскираат на Василица. Годинава, продукцијата “Пасворд” е организатор на музичкиот и на забавниот дел на карневалот. Музичкиот дел почнува на 12 јануари, од 21 часот.

Гостите на карневалот ќе ги забавуваат аренби дуото ДНК, женската четворка од Нови Сад “Фрајле”, и за крај, групата “Нокаут”.

На 13-ти јануари во 13 часот е традиционалното дефиле на маските, кое ќе трае цело попладне, а потоа вевчанци и гостите се подготвуваат за вториот музички ден. Од 21 часот на Стара нова година, музичката програма е во знакот на македонските фолк-пејачи. Ќе пеат Анета Наковска и Ефто Пупиновски.

Вевчанскиот карневал завршува на 14 јануари со традиционалното палење на маските.

vevcanski_karneval_640_-2