Во март Четкар ќе настапи на џез-фестивалот Џава во Џакарта, Индонезија

Во текот на март годинава македонскиот џез-музичар Владимир Василевски-Четкар со неколку концертни настапи ќе ја заокружи својата азиска турнеја која се одржува со поддршка од Министерството за култура. Во рамките на третиот дел од азиската турнеја, Четкар ќе одржи концерт на еден од најпрестижните музички фестивали во светот и воедно најголемиот џез-фестивал во јужната хемисфера, џез-фестивалот Џава во Џакарта, Индонезија. На овој светски реномиран џез-фестивал редовно настапуваат најголемите џез, поп, фанк и соул имиња во светот, како: Стинг, Џорџ Бенсон, Стиви Вондер, Херби Хенкок, Џон Леџенд, Шака Кан, Џејми Кулум, Пети Оустин, Карлос Сантана, Ентони Брекстон, Кул енд д Генг, Чик Кореа, Инкогнито, Мецофорте, Ли Ритенор, Ди Ди Бриџвотер и многу други.

Четкар пред неколку дена се врати од концертите во рамките на вториот дел од големата азиска турнеја која, според критиките во медиумите, помина одлично.

Концертите што Четкар ги одржа во Малезија, Камбоџа и во Индија, покрај големата посетеност, добија позитивни рецензии и внимание од повеќе национални медиуми во Југоисточна Азија, Индија и пошироко. Во Малезија за првпат ја претстави Македонија на најпознатиот малезиски џез-фестивал, Интернационалниот Пенанг Ајланд џез-фестивал (Penang Island International Jazz Festival), каде што со неговиот концерт официјално беше затворен фестивалот, а потоа во организација на истиот фестивал, концертно се претстави и во главниот град на Малезија, Куала Лумпур.

По концертите во Малезија, Четкар го отвори Интернационалниот Ауди џез-фестивал Пном Пен во Камбоџа, на чие отворање биле присутни дипломатскиот кор, приватниот бизнис-сектор и членови на кралското семејство на Камбоџа. Интернационалните медиуми, како што е францускиот „Ле петит журнал“ (Le Petite Journal) http://lepetitjournal.com/cambodge/accueil/actualite/265534-revue-de-concert-ouverture-du-audi-international-jazz-festival), за настапите на Четкар го напишаа следново: „Неговата изведба беше извонредна од секој аспект. Во фанк-соул стил, близок до оној на Џорџ Бенсон и со влијание на диско-ерата на 70-тите, артистот со својата енергија успешно искомуницира со публиката која на почеток на настанот изгледаше како да не беше доволно фокусирана.

Потребно е многу енергија и страст за да се направат вакви два музички сета со толку високо ниво на квалитет и покрај тоа што акустиката во салата на Ауди не е најидеална за музицирање. Во еден момент таа вечер Четкар со чист балкански стил успеа да ги собере сите гости заедно на подиумот и да ги натера да играат и пеат…”

Водечкиот магазин за бизнис, уметност и туризам во Југоисточна Азија „Southeast Asia Globe“, исто така, напиша одлична статија за Фестивалот во Камбоџа и неговиот концерт таму. (http://sea-globe.com/jazz-festival-brings-smooth-tunes-phnom-penh/).

По Малезија и Камбоџа, Четкар настапи во Бомбај, Индија, на најголемиот музички колеџ-фестивал „Муд Индиго“ (Mood Indigo) за чиј настап критиките беа, исто така, извонредни, а неговиот концерт беше рекламиран со огромен билборд на главната сцена.