За потребите на Џудо федерацијата на Македонија, Македонскиот олимписки комитет, во соработка со Меѓународната џудо федерација (ИЏФ), го ангажираше ИЏФ експертот, м-р Габриел Сапта (Белгија), кој е ангажиран на период од една година, да престојува во Македонија и да работи на унапредување на Националната џудо структура во Македонија. Финансиските трошоци за ангажманот на ИЏФ експертот се во целост обврска на МОК и ИЏФ.
Веќе овој викенд (14 и 15 Јануари), во Кавадарци, ИЏФ експертот, Габриел Сапта ќе ги презентира новите правила во џудото, донесени од страна на ИЏФ, а и ќе раководи со проектот според кој во Македонија ќе бидат поставени 4 (четири) џудо центри. Главен координатор на проектот ќе биде спортскиот директор Владимир Богоевски, додека ЏФМ ќе назначи национален координатор и главни тренери во четирите џудо центри кои ќе работат по специјална програма на ИЏФ експерот.
МОК верува дека со ова сериозно продолжување на инвестициите во развојот на националната џудо структура во Македонија, овој спорт ќе продолжи да се развива на највисоко можно ниво, а македонските џудисти ќе постигнуват високи спортски резултати на меѓународните спортски натпревари.