ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид денес испрати реакција кон соопштението на Охрид СОС за неодржување на верските обичаи за празникот Водици.
„По вчерашното соопштение на т.н Граѓанска иницијатива Охрид СОС, од каде бараат да не се фрла крстот за празникот Водици во Охрид и да не присуствуваат пратениците и функционерите на ВМРО ДПМНЕ, ОК ВМРО ДПМНЕ може само со жалење да констатира дека медиумите повторно се најдоа во ситуација да објавуваат небулозни текстови од нивната организација.
По серијалот навреди од лицата кои се експонираат како водачи на оваа групација а кои истите ги искажаа низ медиумите во неколку наврати, можеме да констатираме дека вчерашното соопштение на Охрид СОС е конечно паѓање на маските и дефинитивно се поставува прашањето дали на оваа организација примарна активност и е екологијата или работи на агенда за разнебитување на нашата традиција и верски обичаи.
Од друга страна револтот кој граѓаните го покажаа кон овој нивен повик да не се направат верските традиции за Водици, е само уште еден доказ за оправданите политики на ВМРО ДПМНЕ кои се водат од зачувување и негување на националниот идентитет до она што преставува традиција и вера.
Исто така укажуваме за оправданоста на движењето за Десороидизација на Македонија и реформа во невладиниот и граѓански сектор и спротивставување кон било какви ретроградни и безумни процеси кои се финансирани од надвор а нивните активности се вперени против се што се поврзува со македонскиот идентитет.“– стои во реакцијата.