Светиот крст повторно во рацете на Петар Рупески од населбата Варош

Дваесет и седумгодишниот Петар Рупески од населбата Варош беше најсреќен меѓу стотинината верници кои денес скокаа по Светиот крст во водите на Охридското Езеро, осветени на големиот христијански празник Богојавление – Водици.

Ова е четврти пат како Петар Рупески го фаќа Чесниот крст. Црквата му подари крст, а од градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески доби икона.

На оваа масовна црковно-народна манифестација, присуствуваа неколку илјади посетители, од другите градови во земјава, како и од регионот, пред се, од Бугарија, Албанија, Грција и Србија.

Манифестацијата Богојавление-Водици беше во организација на Општина Охрид во соработка со Дебарско- кичевската епархија, а со поддршка на јавните претпријатија, Црвен крст, нуркачкиот центар „Амфора“, како и фаќачите на Светиот крст од минатите години.

Одбележувањето на овој голем православен празник со сите црковни обичаи започна со утринска света литургија во црквите. По богослужбата, литијата низ чаршијата се упати кон градското пристаниште.

Во осветените води на Охридското Езеро, денес, традиционално по седми пат, на Сараиште, се изврши групно крштевање на дванаесет верници од Охрид, како и други градови од земјава, но и од Мала Преспа.

Празнувањата посветени на Богојавление – Водици продолжуваат утре на Денот на Рибарите, а централната манифестација е на Сараиште со почеток во 12 часот. Сите посетители ќе се служат со греана ракија, вино, рибна чорба и пача. Присутните ќе ги забавува ансамблот „Билјана Јуниор“.

WebOhrid