Македонија У21 во група со Србија, Австрија, Русија, Ерменија и Гибралтар за ЕУРО 2019

Репрезентацијата на Македонија до 21 година е во групата 7 во квалификациите за Европското првенство 2019 селекциите на Србија, Австрија, Русија, Ерменија и Гибралтар.

Квалификацискиот циклус за ЕП 2019 во Италија започнува на 20 март годинава, а завршува во октомври 2018 година.

Само најдобрата селекција од шесте национални тимови има сигурно место на завршниот турнир, а исто толку второпласирани селекции ќе играат бараж за пласман на континенталното првенство во ноември 2018 година.

Српската селекција, заедно со Португалија и Шпанија е наш ривал во Б групата на Европското првенство во Полска во јуни оваа година.

Селекторот на Македонија до 21 година Благоја Милевски заедно со Саша Ќириќ во Нион во седиштето на УЕФА го следеше денешното извлекување.

„На прв впечаток групата не изгледа атрактивно, но противниците се силни и квалитетни. Србија која е наш ривал и на ЕП во Полска, Австрија која играше бараж со Шпанија за влез на шампионатот во Полска и Русија која е навистина квалитетна. Но, во секој случај добивме група за ново надигрување со силните европски репрезентации. И претходно кажав дека наша цел ќе биде потврда на квалитетот на игрите од претходниот циклус и конкурентност на теренот со секој противник, без разлика кој е од спротивната страна. Ние за квалификацискиот циклус за ЕП 2019 градиме комплетно нова репрезентација со која повторно ќе одиме чекор по чекор, како и низ претходните квалификации“, – изјави Благоја Милевски.