Лазаревска: Локалната под итно да го спречи екстремното повлекување на вода од Езерото заради производство на струја

Бараме од локалната власт под итно да го спречи екстремното повлекување на вода од Охридското Езеро заради производство на струја. Преку вчерашната реакција на Општина Охрид стана јасно дека градоначалникот Никола Бакрачески и неговите соработници знаеле за штетите што му се нанесуваат на езерото, но досега не презеле ништо за да го спречат алармантното намалување на нивото на водата. Ова денес го изјави Жаклина Лазаревска, Пратеник во Собранието на Р. Македонија од редовите на СДСМ.

„Наместо да обвинува за политизација и партизација, локалната власт мора конечно да се зафати со работа и да преземе соодветни мерки преку кои ќе се спречи понатамошно влошување на состојбата со Охридското езеро. Општина Охрид мора да најде начин да стави крај на опустошувањето на езерото кое, потсетуваме, е заштитено од УНЕСКО како светско природно наследство. Доколку Општината не преземе мерки за заштита на езерото, тогаш ќе се потврди дека локалната власта наместо да спречи, таа помага во уништувањето на Охридското езеро.“– рече Лазаревска.

Таа уште еднаш укажува дека никој нема право да ги злоупотребува природните богатства на Република Македонија, за да покрива неодговорни политики.

„Со промените што доаѓаат, ќе се стави крај и на несовесниот и неодговорниот однос кон Охридското Езеро. А одговорност ќе има и за секој кој сторил какво било уништување на природните богатства на Македонија.“- додаде Лазаревска.

WebOhrid