Македонската филхармонија со концерт „Париз те сакам“ по повод Денот на вљубените

Директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ денеска на прес-конференција рече дека на концертот како вокалист ќе настапи популарната унгарска пејачка Миртил, диригент е Борјан Цанев, оркестрациите се на Емин Џијан, режијата е на Дејан Прошев, а на сцената поезија од францускиот поет Жак Превер ќе чита актерот Васил Зафирчев.

„Миртил е многу позната во Европа и во светот, многу е интересна како вокал и начинот на кој интерпретира. Мислам дека прекрасно ќе се вклопи заедно со оркестарот во интерпетација на француската музика“, истакна Чанаќевиќ.

Таа посочи дека годинава ја почнале со спектакуларен божикен концерт во Македонската опера и балет на кој настапил светски познатиот виолинист Џулијан Рахлин.

„Тој беше пресреќен што по неколку години повторно е во Македонија. Таа соработка ќе ја продолжиме и во иднина бидејќи се работи за звучно име на полето на класичната музика. Соработката со него е многу значајна не само за нашиот оркестар туку и за промоција на нашата држава и македонската култура“, рече Чанаќевиќ.

Укажа на нивната тенденција како институција да носат врвни музички имиња и диригенти од целиот свет и да претставуваат музички композиции кои првпат ќе бидат изведени во Македонија или пак композиции кои се комплексни за изведба и не може често да бидат на репертоарот на еден симфониски оркестар.

Се осврна и на вчерашниот концерт во чест на Саша Николовски – Ѓумар, на кој настапил македонскиот пијанист од помпладата генерација Дино Имери.

„Во текот на годинава љубителите на класичната музика ќе имаат можност да видат врвни уметници од целиот свет. На 9 март по повод 8 март ќе имаме можност да ја видиме светски познатата саксофонистка Еми Диксон, потоа следат концертите на Иштван Вардаи на виолончело, Нинг Фенг на виолина, како и настапите на диригентот Даниел Рајскин, виолинистот Никита Борисо-Глебски…како и настапите на македонските уметници Сихана Бадивуку на виолина, сопранистката Милена Арсовска и многу други“, рече Чанаќевиќ.

Потенцира дека ќе одржат и симфониски концерти за деца, едукативни програми кои ги прават во Македонската филхармонија, а ќе имаат и гостувања низ градовите во Македонија.

„Најмногу не радува влегувањето во новиот објект напролет кој е граден по сите светски критериуми. Освен новата концертна сала ќе бидеме збогатени и со голем број музички инстументи кои ќе придонесат за уште подобар квалитет и поубав звук на нашиот оркестар“, додаде директортката на Македонската филхармонија.

Диригентот Цанев рече дека го прошириле репертоарот и придобиле нова публика. Во врска со концертот на 14 февруари изрази уверување дека аранжманите на Џијан ќе бидат одлични.

Џијан рече дека како оркестратор ја избрал Македонската филхармонија во целосен состав. – Ќе има бенд кој ќе биде составен од Благоја Перуновски на хармоника, Иван Бејков на бас, Зоран Костадиновски на гитара, јас во улога на пијанист и Мартин Вучиќ на тапани. Не очекува убав концерт со убави мелодии, додаде Џијан.

Одговарајќи на новинарско прашање Чанаќевиќ рече дека Министерството за култура речиси во целост ја финансира нивната работа почнувајќи од она што значи концерти, сите оние потреби кои ги имаат за реализација во нивното секојдневие, плати, потрошен материјал за музичките инструменти, набавка на нови музички инструменти, концертната сала…

Во рамките на музичкиот дел на програмата, посочи, се финансирани проектите кои веќе ние на некој начин ги објавивме во нашата годишна програма која почна во септември минатата година, а завршува во јули оваа година.

„Значи она што можете да го видите во печатеното издание, во нашата книшка во првите шест месеци од оваа година, е во целост поддржано и финансирано, а и оние нешта кои веќе сме ги планирале. Сите музички уметници кои ги набројав на почетокот се поддржани од Министерството за култура, детските концерти, настапите во државата и надвор се дел од годишната програма на Министерството за култура“, додаде Чанаќевиќ.