„Актуелните состојби во предучилишното образование и новата сеопфатна Стратегија во образование“

Денес во ЕУ Инфо центарот, министерот за образование и наука г-дин Пиштар Лутфиу присуствуваше на конференцијата на тема ” Актуелните состојби во предучилишното образование и новата сеопфатна Стратегија во образование“.

На ова конференција министерот Лутфиу истакна дека министерството за образование и наука се вклучува во процесите на унапредување на условите за рано учење и развој за сите деца.

„Лично верувам дека предучилишното образование и обезбедувањето на поттикнувачка средина за најмладата популација се дел од начините да се зајакне социјалната кохезија и да се придонесе кон поконкурентно општество засновано врз знаење“ истакна Лутфиу.

Министерот Пиштар Лутфиу нагласи дека годините што следуваат ќе бидат исполнети со активности насочени за остварување на приоритетите и очекуваните исходи предвидени во Сеопфатната стратегија за образование 2017-2020, а тоа се:

– Подобрување на содржината, условите за учење и квалитетот во остварувањето на предучилишното образование

– Зголемување на опфатот на децата и подобрување на инклузивноста во предучилишното образование

– Подобрување на капацитетите на човечките ресурси во предучилишните установи

– Подобрување на законодавството, организацијата и управувањето со предучилишното образование и зајакнување на соработката.

„Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Европската унија ќе продолжат да инвестираат во понатамошно унапредување на образовниот систем и социјалната заштита на граѓаните во рамки на финансиските перспективи на ИПА 2. За следниот период фокусот се става на активности за унапредување на институционалните капацитети за спроведување на оддржливи секторски реформи, потоа за зајакнување на системот за образование и обука, промоција на развојот на вештините, вработувањето и работните услови како и за социјална заштита, социјална инклузија и еднакво учество на пазарот на трудот и во општеството“ додаде Лутфиу.