Ohrid SUPERSTAR со богати награди во потрага по таленти во Охрид и Струга

Организаторите на новото Талент шоу: Ohrid SUPERSTAR, денес во Bistro Corner во Охрид ја одржаа првата официјална прес конференција на која ги соопштија деталите за манифестацијата.

„Започнуваме нова потрага по музичари, пејачи, глумци, бендови, стенд ап комичари, водители за Тв и Радио проекти – односно по сите во регионот на Охрид и Струга кои имаат некој талент и сакаат истиот да го покажат. Талентот не признава граници и токму затоа, ако имате некој талент кој излегува од границите на она што ние го имаме предвидено, секако дека сакаме да го видиме и споделиме со јавноста. На овој начин сакаме да им дадеме можност на сите да се експонираат и да бидат новата Супер Ѕвезда. Возраста не е важна, може да се пријават од 7 до 77 години, треба само да имаат желба и талент кој сакаат да го покажат пред јавноста“, истакна официјалниот PR на настанот Александра Алексијевска.

Во моментов, до крајот на февруари трае пријавувањето, а аудициите ќе се одржуваат во текот на викендите од март. Главните вечери, односно полуфиналето и финалето ќе се одржат во текот на месец април. Поради возраста на учесниците, сите настани ќе се одржуваат за време на викендите и тоа на големата сцена при Домот на културата „Григор Прличев“ од Охрид.

„Најдобрите ќе се одбираат по три основи: според гласовите на жири Комисијата, според гласовите од телефонското гласање и според гласањето на публиката, што ќе важи само за полуфиналната и финалната вечер. По завршувањето на периодот за пријавување, ќе се пристапи кон селекција и групирање на кандидатите според талентот за кој се пријавуваат, по што ќе биде направен и финалниот календар и ќе бидат известени учесниците и јавноста за толниот календар. Сето тоа ќе биде соопштено на нашата следна прес конференција која ќе се одржи на почетокот на месец март. Во жири Комисијата ќе бидат проверени музички имиња, но и имиња од областа на стенд ап комедијата и водителството кои се веќе докажани во својата област. Покрај Даниел Јовески, тука ќе се и Дамјан Пејчиноски и др. Жирито ќе се менува, според тоа за што ќе бидат пријавени најголемиот дел од кандидатите. Она што можеме до моментов да кажеме е дека пријавувањето тече одлично, но дека најмногу се пријавуваат за делот со музиката, поконкретно пејачите. Ги очекуваме и нашите идни стенд ап комичари и водители да се пријават до крајот на овој месец“, истакна Алексијевска.

Организаторите на шоуто обезбедија богати награди за учесниците: парична награда од 2.000 евра, снимање на песна и видео спот со Даниел Јовески и старт на Тв и Радио проект. Сите заинтересирани ќе можат да добијат дополнителни информации и на официјалната страна на Facebook, а својот талент ќе го пријавуваат на маил адресата: ohridsuperstar@gmail.com.

Носители на проектот се Супер радио и охридските „Тамаро“ маркети, а главен медиумски партнер е регионалната О2 телевизија. Медиумски поддржувачи се и порталите: Ohrid1, OhridNet, OhridPres, WebOhrid, Ohrid24, StrugaOnline I Inpress, како и струшкото Плеј Радио.