Почина најбогатиот Македонец на светот: Мајк Илич остави богатство од шест милијарди долари

Мајк Илич (Илиевски) кој важеше за најбогатиот Македонец во светот, починал вчера во локалната болница во Детроит на возраст од 87 години. Веста ја соопштија локалните медиуми од Детроит, каде тој важеше за исклучително почитуван и влијателен граѓанин. Илич, кој е дете на македонски иселеници, беше пример за исполнување на американскиот сон, пренесува Телеграф.

Списанието „Форбс“ во листата на најбогати лица во светот за 2016 година, оцени дека тој се наоѓа 86 место меѓу 400 најбогати Американци, како и дека од регистрираните 298 милијардери во светот, тој е на 101 место, како милијардер од САД. Неговото богатство беше оценето на шест милијарди долари.

Мајк Илич (односно Мајк Илиевски, по татково презиме), е роден во САД, а по потекло е од Македонија. Роден е 1929 година како прва генерација од децата родени во САД на Македонците Сотир, занаетчија и Султана, домаќинка.

Семејството Илич го има ланецот од пицерии „Малиот Цезар“ (Little Caesar’s Piza) кој е распространет во САД и во Канада, и кој се смета дека е на трето место после „Пица хат“ и „Доминос“.

Илич беше сопственик и на хокеарскиот тим „Ред рок вингс“, за кого веќе се гради спортска арена со приватно-јавно партнерство која вреди 450 милиони долари. Тој беше сопственик и на бејзбол тимот „Детроит тајгерс“. Неговата сопруга Мериен (Маријана) е исто така со македонско потекло, односно дете на македонски мигранти кои се доселиле во САД минатиот век. Таа е сопственик на казино „Мотор сити“.

Извор: lider.mk