Денес, 17 февруари 2017 година, во присуство на комлетната домашна бизнис елита, придружувана од присуството на дел од влијателните, за Македонија, домашни и меѓународни економски и политички личности, на свечен и достоен начин и во работен дух, се одбележа 95 годишнината од постоењето и функционирањето на најстарата и најбројната бизнис асоцијација во земјата, Стопанската комора на Македонија.
Одбележувањето на годишнината беше збогатена со организирање на тркалезна маса на тема: „Позицијата на малите земји во меѓународната економија – предности и недостатоци“, иницирана од двегодишната работа на стопанските комори и нивните членки за развивање и практично заживување на една значајна иницијатива – Иницијативата за поврзување на претприемачите од малите земји, а која произлезе од потребата за нивно поврзување, заедничко дејствување и соочување со предизвиците за водење бизнис во особено тешки времиња.
Во расправата, организирана во форма на панел дискусија, свој придонес дадоа поголем број дискутанти, значајни по раководењето со брендирани компании од потесниот и пошироко регион од сите свери на економското работење, како од производните така и од услужните дејности, а во која своето видување и искуство го пренесоа на прашањата: каква е позицијата на малите земји во поголемите интегративни процеси, дали процесите во малите земји имаат посебни карактеристики, дали тие можат да се сублимираат на едно место, дали некој се занимавал со овие прашања, кои се економските можности за подобрување на бизнисот на малите земји и слично, ставајќи ги во преден план интересите на секоја од нив.
Оваа дискусија денес несомнено го оправда нашето очекување дека е неопходно зголемување на директната соработка меѓу претприемачите од малите земји и дека се реални и оправдани заедничките иницијативи, активности, барања, но и потреби за поврзување, заедничко дејствување и соочување со предизвиците за водење бизнис во вакви особено тешки времиња и услови за водење бизнис.
Нашите активности во иднина треба да се насочат кон:
• Обединување на напорите за соработка на претприемачите од малите држави и на соработката на малите држави меѓусебно;
• Дефинирање на предизвиците, активностите и конкретните заеднички проекти на кои ќе работиме и тоа од различни области.
За да го постигнеме тоа потребно ни е да изградиме една одржлива структура/здружение или еден интегриран концепт на состаноци на високо ниво, мрежи за истражување и дигитална соработка и во ваков или сличен состав да се гледаме и да работиме почесто.
Со други зборови, ова да прерасне во традиционален настан кој со тек на време ќе придонесе за градење единствени вредности за сите претприемачи од малите држави и за унапредување на капацитетот на претприемачите од малите држави.
Во сегашни услови не е можно да се биде мал и конкурентен, во отсуство на соодветна инфраструктура, образована и квалификувана работна сила, стабилни и ефикасни институции и структурни реформи.
Деловниот свет е се’ посложен и тешко е да се остане надвор од политичките и општествените збиднувања. Моќта на здружувањето е токму во можноста за директно состанување на најдобрите претприемачи од малите земји, конкретни заеднички активности и проекти кои ќе следат понатаму.
Само така ќе придонесеме да живееме во мали, но богати и убави држави.
Дополнително, нашиот следен чекор ќе биде создавање на организација со две мисии кои претходно ги образложивме: унапредување на економската соработка меѓу малите земји и унапредување на економската соработка меѓу претприемачите од тие земји. Суштина на иницијативата ќе биде непрекинатата активност. Во функција на следниот самит/конференција или сличен настан на оваа тема ќе се изработи меѓународна студија за состојбата на бизнисите од малите држави на меѓународниот пазар која ќе ги дополни одговорите на следните прашања кои денес беа отворени
1. каква е тековната состојба;
2. да се биде мала економија е предност или недостаток;
3. кои се идеите и мерките за подобрување на состојбата;
4. Како најдобро да се вклучат политичките елити кон оваа иницијатива за да се остварат подобри резултати.
Ќе се изработи посебна стратегија за комуникација до првиот самит и посебна стратегија за комуникација за континуирано дејствување после првиот самит.
Основните цели на стратегијата ќе се состојат во создавање услови каде претприемачите ќе можат слободно да дискутираат за своите гледишта, да се сретнат со партнери од другите земји и да разменат инфирмации, како и да се создадат услови за промена на менталитетот и размислувањата на луѓето во малите држави.
М-р Елена Милевска Штрбевска,
Оперативен директор на Стопанска комора на Македонија