Отворен ден во Центарот за обука на Пилоти

„Горд сум што денес на овој отворен ден можам да кажам дека Армијата на Република Македонија ќе се збогати за уште три нови пилоти. Нема поголема инвестиција за секој млад човек од инвестиција во неговото образование и вештини што може да ги добие додека е млад. Јас ве повикувам да се пријавите на Конкурсот и да бидете дел од идната класа на пилоти кои ќе бидат дел од АРМ. Да се биде пилот е голема чест и човек мора да биде многу храбар за оваа професија. Ние сме многу горди на нашите храбри пилоти кои се дел од Армијата.“ – истакна министерот за одбрана, Зоран Јолевски на денешниот отворен ден во Центарот за обука на Пилоти во Касарната Страшо Пинџур.

Тој додаде дека многу голем е предизвикот да се стане воен пилот, секогаш подготвен да го брани територијалниот интегритет на својата татковина, но и да биде од помош за своите сограѓани секогаш и секаде.

Министерот Јолевски упати порака до денешните посетители, млади, мотивирани луѓе со цврсто зацртана цел пред себе – да ги стават на тест своите капацитети и способности како дел од еден од најсофистицираните и технолошки најразвиените Центри за обука на пилоти во Европа.

„Центарот за обука на пилоти кој е уникатен и капитален проект на Владата на Република Македонија, заедно со партнерот од Израел, компанијата Елбит системи, ви нуди несекојдневна можност да завршите обука за воен пилот и да станете дел од Армијата на Република Македонија. Користејќи најсовремени методи во обуката, со искусни инструктори од земјава и од Израел, Центарот за обука на пилоти ќе ве воведе во сите тајни на пилотската професија.“– рече Јолевски.

Директорот на Центарот, Јаари Шрага во своето обраќање најнапред упати честитки од негово и од име на целиот персонал на Центарот за обука на пилоти до кадетите Виктор Бојковски, Љубомир Панев и Никола Силигунис за успешно завршената осумнаесет месечна обука и им посака многу успех во новата професија како воени пилоти. Во пораката до идните пилоти тој додаде дека овој Центар ја нуди уникатната можност да се едуцираат и да се квалификуваат како професионални пилоти и дека ова е можеби единствената работа каде професијата и хобито се споени.

Во рамки на денешниот ден беа доделени сертификати за завршена обука на петтата класа кадети во Центарот. Кадетот Никола Силигунис во име на тројцата кадети кои ја завршија обуката упати благодарност на целокупниот персонал кој бил извор на поддршка и мотивација и до сите инструктори кои несебично ги споделувале своите искуства и знаење со цел пронаоѓање на патот до небесните височини.

На денешниот отворен ден присуствуваа голем број млади граѓани кои имаа можност да се уверат во капацитетите и условите со кои што располага Центарот за обука на пилоти и да поразговараат со дел од инструкторскиот кадар, како и со завршените кадети и пилотите од воздухопловната бригада.