Промовирана поштенската марка со мотиви од Охрид што се издава во Русија

Со пригодна свеченост, денес, во Куќата на Уранија, беше промовирана поштенската марка што започна да се издава во Руската Федерација. Мотивот на марката е охридската црква Св. Јован Канео, која што е една од најпознатите цркви во Македонија и странство и е една од најфотографираните цркви во Европа.

Во знакот на пријателските односи, проследени со добра соработка, денес, имаме особена чест токму од Охрид – градот на словенската писменост, од лулката на Христијанството, да ја промовираме поштенската марка што започна да се издава во Руската Федерација, а чиј мотив е една од најпознатите цркви во земјава и странство – охридската црква Св. Јован Канеo. Овој чин претставува вовед во понатамошните активности кои што заедно со почесниот конзул ги разговараме, а тоа се соработка на неколку полиња со градови и компании од Руската Федерација. Активно работиме на создавање на потребните услови за организирање на туристичка промоција на Охрид во Русија, за организирање на средба со Агенцијата за туризам од Русија, како и со туристичките работници од Русија, активности за кои сметаме дека постои взаемен интерес помеѓу двете држави, истакна градоначалникот Никола Бакрачески.

На манифестацијата присуствуваше и почесниот конзул на Руската федерација, професор др. Велимир Стојковски.

Верувајте, тоа што нашиот Охрид се наоѓа на оваа марка, не е воопшто случајно. Со гордост може да кажеме дека она што во историјата се случувало во Охрид, во овој наш древен град, е навистина вткаено во светските цивилизациски придобивки. Охрид претставува не само културна престолнина на словенството и словенското, и колевка на словенската цивилизација, туку истовремено и на светската, рече конзулот Стојковски.

Во знак на благодарност, почесниот конзул Стојковски на градоначалникот Бакраческ му предаде примерок од руското издание на заедничката поштенска марка.

Покрај македонската марка што се издава во Русија, од неодамна започна да се издава и руска марка во Македонија. Мотивот на руската марка е црквата Собор на Свети Тројца во Санкт Петербург којшто е импозантен и препознатлив објект од културно и историско значење.