Во Струга ќе се одржи работилница „Ефектите и предизвиците на политиката за рамномерен регионален развој“

Организациите Форум Центар за стратешки истражувања и документација од Скопје и Младински иницијативи за дијалог и соработка од Битола, организираат работилница на која ќе се направи јавна презентација на активностите на проектот „Алијанса за регионален развој“, поддржан од Европската унија преку програмата ЕИДХР2014-2015 и презентација на резултатите од базичното истражување за спроведувањето на политиката на рамномерен регионален развој.

Настанот ќе се одржи во Хотел „Дрим“ – Струга на 23 февруари (четврток), со почеток во 12 часот.

Во последниве десетина години донесени се Закон за рамномерен регионален развој и Стратегија зарегионален развој 2009-2019, според кои треба минимум 1% од БДП на државата да се инвестира во помалку развиените региони и да се стимулираат помалку развиените региони за да се избалансира развојот во осумте плански региони во РМ. Идејата на оваа политика е да се намалуваат разликите и во развојот во рамките на самите плански региони.

Според Законот за рамномерен регионален развој, Владата на Република Македонија е должна за поттикнување на рамномерниот регионален развој од Буџетот на Република Македонија годишно да издвојува средства во висина од најмалку 1% од БДП.

Овие средства за финансирање на проекти за развој на планските региони, треба да се распределуваат по плански региони согласно со класификацијата на планските региони според степенот на развиеност, според која Југозападниот регион е на шесто место според индексот на развој во државата, на петто место според економско-социјалниот индекс и на претпоследно, седмо место, според демографскиот индекс. Врз основа на оваа класификација, учеството на Југозападниот плански регион во распределбата на средствата за регионален развој во периодот 2013-2017 година треба да биде 13,3% од вкупните средства кои се алоцираат од државниот буџет за програмата за рамномерен регионален развој.