СДСМ: Трајкоски продолжи да ја задолжува општина Дебрца

ОО на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Откако ја задолжи општината Дебрца со кредит за изградба на рурална инфраструктура Трајкоски продолжува со задолжувањата на општината. Имено, во вчерашната изјава за медиумите тој се пофали дека општината набавила ново возило за собирање на комунален отпад, а притоа свесно избегна да соопшти дека истото е набавено со ново задолжување на општината, во износ од 4.010.820,оо денари или 65.000 евра. Неговото однесување е во стилот на францускиот апсолутистички крал, Луј XV, познат по неговата изрека “после мене потоп”.

Затоа, бараме Трајкоски да даде одговор на повеќе неодговорени прашања, како што се: Во кој дел од неговата Изборната програма стои дека планира да ја задолжува општината? Зошто планира да ја оптовари општината со долгови кои ќе паднат на товар на идните локални власти? Дали заборави дека општината од претходната локална власт му беше предадена со полна каса и без ниту денар долг? Дали општината има финансиски капацитети да ги враќа кредитите, ако се знае дека е со лимитирани финансиски перформанси и има проблеми со сервисирањето на тековните обврски? Колку воопшто изнесуваат долговите на општината?

Исто така, во изјавата Трајкоски истакнува дека новото возило се набавува заради замена на старото и дотраено возило. Принципиелно се поставува прашањето, ако возилото произведено 1998/99 година е старо и дотраено, тогаш каква е механизацијата, односно камионот и ровокопачот, произведени 1983/84 година и чија пазарна вредност изнесува од по 5000-6000 евра, а кои општината, на сомнителен тендер ги набави за енормно високи цени од по 20.000 евра или вкупно 40.000 евра!?

Не сме против проекти што значат подобрување на руралната инфраструктура и квалитетот на комуналните услуги, меѓутоа сметаме дека за вакви проекти потребно е да се преферираат други извори на финансирање, пред се грантови од домашни или меѓународни фондови или истите да се финансираат со средства од буџетот на општината. За да се обезбедат средства од буџетот на општината доволно е да се намалат непродуктивните буџетски трошења, како што се: трошоците за репрезентација, службени патувања, за весници и списанија, службени телефони и гориво, трошоците за изгубени судски постапки и други неоправдани трошења.

За среќа, во мај, по локалните избори ќе му ставиме крај на ваквото несовесно и расипничко практикување на локалната власт. Ќе обезбедиме добро, одговорно и домаќинско управување со општинските надлежности и ресурси.“ – се вели во соопштението од СДСМ Дебрца.