СВР Скопје поднесе кривична пријава против три лица од Скопје

СВР Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против лицата С.С. (34),Б.Т. (60) и О.В. (32) сите од Скопје поради основи на сомнение дека првопријавениот С.С. извршил четири кривични дела – “разбоjништво“ предвидено и казниво по член 237 од КЗ, второпријавениот Б.Т. извршил по четири кривични дела – “поттикнување“ предвидено и казниво по член 23, “помагање“ – предвидено и казниво по член 24 и “прикривање“, предвидено и казниво по член 261 од КЗ, додека пак третопријавениот О.В. извршил по едно кривично дело “помагање“ предвидено и казниво по член 24 и “прикривање“ предвидено и казниво по член 261 од КЗ. Притоа пријавените се стекнале со вкупна противправна имотна корист од околу 275. 770 денари.

Од страна на Судија на претходна постапка на С.С. изречена му е мерка притвор во траење од 30 дена, додека Б.Т. е во бегство.

Првото кривично дело С.С. го извршил на 07.12.2016 година околу 16,30 часот а врз основа на претходен договор со Б.Т. на кого му должел пари. Имено, двајцата се договориле С.С. да изврши кривично дело разбојништво и веднаш откако ќе го изврши да го извести Б.Т. и да му донесе пари кои му ги должел. С.С. откако дошол на улица “808“ до продавницата на ,,Европа“ лоцирана во кругот на фабриката и откако се уверил дека во продавницата се наоѓа само вработената, ја ставил маската на главата со дупки на очите, влегол внатре и со закана со огнено оружје – пиштол и побарал пари на вработената, по што истата видно уплашена го дала целокупниот дневен промет од касата, околу 45. 000 денари. Додека С.С. ги собирал парите од касата ја принудил вработената да влезе во помошната просторија и ја заклучил во тоалетот. Потоа незабележан од никого заминал и набргу му се јавил на Б.Т. на кого му дал 30. 000 денари, а останатите 15. 000 илјади денари ги задржал и трошел за сопствени потреби.

Второто кривично дело С.С. го извршил по два дена односно на 09.12.2016 година околу 19,45 часот, исто така со претходен договор со второпријавениот и третопријавениотО.В. кој бил сопственик на објектот во која била сместена обложувалницата “Спорт Лајф“ лоцирана на ул. “Благоја Стефковски“. Откако од обложувалницата излегол О.В., првопријавениот влегол со маска на главата, а на устата имал медицинска маска, со закана со пиштол кон вработените побарал од истите да му ги дадат парите, по што од нивна страна од фиоките од работното биро и од металната каса му биле дадени околу 177. 200 денари. С.С. со одземените пари го напуштил местото на настанот. Телефонски го побарал О.В. на кој му кажал дека ќе му даде пари за извршеното кривично дело, а потоа се јавил и на Б.Т. со кого веднаш се сретнале и со моторно возило заминале во правец на Куманово. Кога стигнале во Куманово се упатиле кон центарот на градот и во една менувачница со парите од разбојништвата купиле 2.000 евра. Б.Т. земал 1.300 евра а С.С. ги задржал останатите пари.

Третото кривично дело ги извршил на 12.12.2016 година, откако претходно Б.Т. го известил дека постојат услови за да влезе во аптека “Алпи Фарм“ бидејќи во моментот немало никој. С.С. дошол на улица „Жан Жорес“, ставил маска на главата и со вперен пиштол и се обратил на вработената да му ги даде парите од дневниот промет при што одзел околу 30. 000 денари.

Четвртото кривично дело С.С. го извршил истиот ден околу 20,30 часот на булевар “Кузман Јосифовски Питу“ во Спортска обложувалница „Спорт Лајф“. Со пиштол во раката, со маска на лицето и црни ракавици, влегол во обложувалницата и дошол до работниот пулт каде со сериозна закана по животот на вработените, од фиоката ги земал парите ги ставил во џебот од јакната и заминал од местото на настанот стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 23.570 денари. Утредента го повикал Б.Т. и од двете извршени разбојништва му дал 200 евра, додека останатите пари ги задржал за себе и ги трошел за лични потреби.

По превземените мерки и активности од страна на полициските службеници од ОИД МД Гази Баба утврдено е дека како можен извршител на сите четири горенаведени кривични дела е С.С., а како соизвршители, помагачи и поттикнувачи се Б.Т. и О.В. На информативен разговор е повикан О.В. кој во целост ја признал неговата улога и инволвираноста во кривичните дела.

Тој бил подолго време надостапен, а со цел истиот да не ја напушти Република Македонија распишана е локален и централен распис за потрага по лице и на 11.02.2017 година С.С. бил пронајден и лишен од слобода во ПС од ОН Гази Баба. Извршен е разговор со него при што во целост ги признал сите четири кривични дела со појаснување дека за сите кривични дела пикер, поттикнувач и помагач бил Б.Т., а О.В. учествувал само во организирање и прикривање на кривичното дело извршено во спортската обложувалница за што побарал пари во вредност од 300 евра.