Продолжува соработката помеѓу Македонија и САД во областа на кризниот менаџмент

Од денес 28.02 до 02.03.2017 година во Домот на АРМ – Скопје се одржува работилница „Планирање вежби на национално ниво“ која се реализира согласно програмата за Цивилно воената соработка (ЦМЕП) помеѓу Министерството за одбрана на Република Македонија и Инженерискиот корпус на Армијата на Соединетите Американски Држави.

На Работилницата согласно програмата е предвидено македонските институции, да се запознаат со подготовките на соодветни вежби за управување со кризи и да придонесат во нивен развој користејќи ја својата стручност и стекнато искуство. За време на активноста учесниците ќе имаат можност да се запознаат со Прирачникот за вежби и евалуација што го користат институциите на САД одговорни за подготовки и управување со кризи.

Оваа Работилница претставува континуитет на серијата работилници за Планирање на сценарио кои се реализираа во текот на 2015 и 2016 година на кои беше ставен акцент на запознавање на институциите во Македонија со причините, принципите, методологиите и улогите во однос на планирањето на сценарио како сеопфатен пристап кон подготвеноста за итни состојби. Тоа би се извело преку развивање на конкретни сценарија за поплава и земјотрес како ризици и закани кои се случуваат или постојат предуслови да се случат на подрачјето на Република Македонија.