Кривична за управител во струшки хотел поради неиздавање фактури и фискални сметки

Поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување или уништување деловни книги“ и „даночно затајување“, полициската станица од Струга, поднесе кривична пријава против К.Ш. (58) од струшкото село Ложани како и против Трговско друштво за угостителство, трговија и услуги „Шуми 81“ што стопанисувало со хотелот „Бисер“-Струга.

Во текот на 2016 година, пријавениот К.Ш. како управител на ДООЕЛ „Шуми 81“, за извршените услуги за свадби, крштевки и други свечености во хотелот „Бисер“, не изготвувал соодветни фактури и не издавал фискални сметки и не ги регистрирал во книговодството на фирмата. Тој, во одредени случаи во целост или делумно паричните средства во износ од 315.836 денари ги задржал за себе.

Пријавениот К.Ш. како управител на правниот субјект, иако знаел дека за реализираните услуги треба да уплати парични средства на име обврски према ДДВ во износ од 63.381 денари и 46.167 денари обврска за персонален данок, сепак тоа не го сторил туку истите ги задржал за себе. По овој основ, пријавениот К.Ш. ја оштетил државната каса за 109.548, оо денари.