Македонскиот олимписки комитет (МОК) во соработка со Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) како и во координација со Националните спортски федерации (НСФ), високо образовните институции, централната и локалната власт како и во соработка со другите спортски институции и организации во Република Македонија, ја започнува процедурата за започнување на едукација на четвртата генерација на учесници на Високата обука за напреден спортски менаџмент на Олимписки спортски организации (ОСО) во Република Македонија.
Станува збор за многу обемна едукативна спортска програма која претставува квалитетна теоретско-практична платформа за унапредување на работата на сите заинтересирани страни во спортот. Наведениот едукативен програм е од основната област на напреден спортски менаџмент и е со траење од 6 модули (месеци) во 2017 година година (6 модули, од 2 до 3 работни дена за секој модул). Програмата на курсот во потполност е диктирана од страна на ИОК, а е осмислена во соработка со повеќе од 150 светски признати научници и експерти од спортскиот менаџмент и опфаќа учење за клучните компетенции кои се неопходни за успешно раководење со ОСО преку следните модули:
– Вовед во Олимписка обука за напреден спортски менаџмент;
1. Уредување и организација на ОСО;
2. Стратешко управување на ОСО;
3. Управување со човечки ресурси на ОСО;
4. Управување со финансии на ОСО;
5. Спортски маркетинг на ОСО; и
6. Организирање на спортски настани.
Олимписката обука за напреден спортски менаџмент ќе ја води програмскиот директор за напреден спортски менеџмент на ИОК, а истата е наменета исклучиво за врвниот менаџмент и водечки кадар на ОСО. МОК испрати покана до сите заинтересирани страни да предложат свој кандидат кој мора да ги задоволи следните услови:
– Да е официјално предложен од страна на институцијата која го предлага;
– Да поседува диплома за завршено високо образование и одлично познавање на англиски јазик (доказ: диплома);
– Да има искуство и резултати во работата во својата институција (кратка биографија на кандидатот).
Надлежното тело во МОК, по добивањето на сите доставени апликации ќе направи селекција и ќе избере 20-25 кандидати кои ќе учествуваат на оваа обука. Тие ќе мора да бидат 100% присутни на сите предавања бидејќи според правилата на ИОК, одсуство од еден ден од некој од наведените модули, без разлика на причината, ќе значи крај за кандидатот и неможност да ја заврши обуката. По секој завршен модул (предавање), кандидатот мора да изработи, на англиски јазик, труд (презентација во “power point” и во “word”) во врска со секој од горе наведените модули. Важно е да се напомене дека кандидатите кои успешно ќе ја завршат едукацијата ќе добијат валидна диплома од ИОК, сертификат кој претставува престижна препорака за работа во спортската администрацијата на ОСО во Македонија и ширум целиот свет.
МОК во исто време ги замоли Национланите спортски федерации да ги информират своите членки (општински сојузи, спортски клубови и др.) за оваа обука и доколку изразат желба истите да бидат пријавени како би можеле да станат дел од оваа обука.
МОК се надева дека заинтересираните страни ќе бидат во можност да предложат свој кандидат (најдоцна до 15 Март на е-маил: mok@mok.org.mk) и дека ќе ја препознаат вредноста на овој значаен проект кој ќе помогне во развојот и унапредување на работата на сите заинтересирани страни за унапредување на спортскиот менаџмент како и работата на спортската администрација во Република Македонија.