Пристигнаа машините за перење и сушење во студентските домови

Првите машини за перење и сушење кои што ги набавува Министерството за образование и наука пристигнаа во студентските домови. Следи нивна инсталација, по што ќе бидат на располагање на студентите.

Станува збор за инвестиција во вредност од 11 милиони денари, со што значително ќе се унапреди студентскиот стандард и условите за престој во домовите. Ова неодамна го истакна заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Набавивме 50 професионални машини за перење и 50 професионални машини за сушење за потребите на сите државни студентски домови, рече Ристовски додавајќи дека очекуваниот период за целосна реализација, односно нивна инсталација и пуштање во употреба е до крајот на првиот квартал на 2017 година.

Од оваа инвестиција, но и од останатите активности, меѓу кои набавката на новиот мебел за сите студентски домови кој што е во фаза на изработка и промената на сите постоечки лифтови пред неколку месеци, задоволни се и студентите.

Добро е што интензивно се вложува во домовите и условите значително се подобруваат. Набавката на перални и сушални за нас студентите е од големо значење. Повеќе нема да носиме торби со алишта за перење, за што, некогаш и специјално се враќаме во нашите родни места. Тоа ќе ни заштеди време, за дополнително учење или каква било друга активност, истакнува еден од станарите во студентскиот дом Пелагонија.