Утре ќе се одржи проекција на филмот „Триото од Белвил“

Во рамките на фестивалот Feelmotion, на филмската академија ФИОФА во Охрид, за прв пат ќе се одржи проекција на филмот „Триото од Белвил“ со музичка изведба во живо на музичарот и композитор Дејан Петровиќ.

„Триото од Белвил“ е анимиран филм од 2003 година на познатиот режисер Силвиан Комет, номиниран за два оскари. Невообичаено и интересно за овој настан е што Дејан Петровиќ подготви специјален музички перформанс кој ќе оди паралелно со проекцијата на филмот. Ова е веројатно прв ваков настан во нашиот град и претставува убава можност за публиката да ужива во новите хоризонти кои се отвараат преку музичката и филмската уметност.

Проекцијата е утре во самата Академија, со почеток во 20 часот, а влезот е бесплатен.