АХВ го одбележа Светскиот ден на потрошувачите

Координирано и усогласено функционирање на државните институции и инспекторати, локалната самоуправа, организациите на потрошувачи и бизнис заедницата на сите нивоа ќе придонесе за што е можно поголемо остварување на потрошувачките права на граѓаните во Македонија. Ова се пораките од денешното одбележување на 15 Март – Светскиот ден на потрошувачите, кој во организација на Организацијата на потрошувачите на Македонија се одржа во Агенцијата за електронски комуникации. И годинава, Агенцијата за храна и ветеринарство како институција која има надлежности во заштитата на интересите на потрошувачите во областа на храната, се приклучи во одбележувањето на Светскиот ден на правата на потрошувачите под годинашното светско мото ,,Градење на дигитален свет на кој потрошувачите може да му веруваат,,. 

Како што истакна во обраќањето Ката Стојановска, раководител на Одделението за заштита на потрошувачите при Агенцијата за храна и ветеринарство и храната, односно прехранбените производи почнаа да влегуваат во дигиталниот свет и тоа на глобално ниво.

„И ние како институција сме свесни за тоа. Е- продавниците и продажбата on line на прехранбени производи се веќе присутни и кај нас. Овој вид на продажба е особено присутна кај производите од групите додатоци во исхраната, храна наменета за диети и спортисти, чаеви и слични производи кои ги консумираат посебни, чувствителни групи на потрошувачи, но и конвенционалната храна. Не е за потценување и присуството на бројни интернет страници на бизниси кои рекламираат и продаваат конвенционална храна” – рече Стојановска.

Од тие причини, додаде таа, Агенцијата за храна и ветеринарство оваа година максимално ќе ги интензивира активностите кои имаат за цел да ги заштитат интересите и правата на потрошувачите при ваков вид на продажба. Донесени се законските прописи од оваа област и во својата институционална структура Агенцијата покрај организационата единица за заштита на потрошувачите и инспекциските служби, го воспостави и Одделението за измами со храна, каде ќе почне да се спроведува контрола на електронската продажба и рекламирање на храната.

„Вработени во Агенцијата имаат поминато обуки за контрола на електронската продажба, бидејќи овие контроли бараат знаење на посебни вештини. Донесени се план и програма за реализација на овие активности, а се со цел да се заштитат интересите на потрошувачите и да се зголеми довербата на потрошувачите, бидејќи денеска информатичкото општество влегува во сите сфери на нашето живеење.“ – заклучи Стојановска.

Претседателката на Организацијата на потрошувачите на Македонија Маријана Лончар Велкова рече дека потрошувачите мора да си го најдат своето место во општеството и да го добијат тоа што им следува, а тоа се подобри услуги и производи и поголема почит.

„Еден интегриран пристап како агенција или тело што би работело сериозно на оваа проблематика би бил многу добар, бидејќи самата проблематика се однесува на граѓаните како најголема економска група, која или влијае или има влијание од одредени мислења и одлуки, а чиј глас навистина не се слуша доволно“, рече Лончар.

Претседателот на Советот за заштита на потрошувачите на Град Скопје Марјан Додевски рече, дека оваа проблематика од година во година добива се повеќе на значење во Македонија и има еден комплетен пристап на третирање со вклучување на претставници од извршната власт, институциите, невладиниот сектор и академската фела.

„Годинава планираме да започнеме со јавно објавување на имињата на компаниите на кои има најмногу жалби во делот на потрошувачките права. Со објавување пред јавноста кои компании се однесуваат најнеодговорно кон потрошувачите и се надевам дека тоа ќе влијае за поодговорно, порационално и покоректно однесување кон потрошувачите“, изјави Додевски.

Државниот секретар во Министерството за економија Анета Димовска, рече дека во 2015 година се извршени измени на Законот за заштита на потрошувачите со кои трговецот се обврзува да ги обезбеди сите потребни информации на потрошувачот пред да ја направи нарачката и да му се даде право во рок од 14 дена да се повлече од нарачката.

„Државниот пазарен инспекторат, надлежен за спроведување на Законот за заштита на потрошувачите во 2016 година спровел близу 3.000 надзори по основ на овој закон, од кои близу 1.000 се по претставки од потрошувачи. Најчесто се жалеле на означувања за распродажба, непридржување на обврски од гаранција на производи, рекламирање на производи и неквалитетна сервисна услуга“, изјави Димовска. Најави дека ќе се работи на нов закон за заштита на потрошувачи, како и стратешки документи кои ќе произлегуваат од законот, а ќе се однесуваат на периодот 2018-2022 година.

„На светско ниво најголема грижа на потрошувачите кога станува збор за електронско тргување е нарушување на приватноста и безбедноста при електронското тргување. За градење на довербата е неопходно постоење соодветна регулатива и функционални институции што ќе ги штитат овие права“, рече Димовска.