Златниот телефон на Рускиот Цар, Николај Втори

Познат е фактот дека Шведската компанија „Ериксон“ е една од најзначајните во светот што се однесува до телекомуникациите, но малку е познато дека нејзините корени се всадени уште на самите зачетоци на оваа технологија. Ларс Магнус Ериксон започнал да се занимава со неа уште во 1876 година, кога имал само 30 години. Тогаш, тој отворил телеграфска работилница во центарот на Стокхолм за поправка на овие уреди, а веќе две години подоцна започнал да прави и сопствени телефони, по што еден локален увозник го најмил да прилагоди некои уреди купени од телефонската компанија на Александар Бел. Потоа, сам купил поголем број апарати од „Сименс“, за да ги анализира. Во 1879 година, тој започнал со доставување на сопствените телефонски линии до првиот телекомуникациски оператор во Шведска, „Стокхолмско генерално телефонско претпријатие“. Понатаму, работите тргнале по нагорна линија и Ларс станал снабдувач на цела Скандинавија, кога станува збор за телефонската опрема.

Со оглед на тоа дека Санкт Петербург, тогашна престолнина на Руската империја, на бреговите на Финскиот залив, и, со самото тоа на брегот на Балтичкото море и политичко и економско јадро на тогашната Русија, било природно потпрен на Скандинавскиот дел и на длабоките културни и економски врски, нималку не зачудува фактот што империјалниот дел на Романови кон крајот на XIX и почетокот на XX век, му наложил на Ериксон да изработи телефонски уреди, за потребите на царското семејство.

Телефонскиот уред кој го барале бил таканаречениот „Скелет апарат“, кој настанал во 1892 година, и кој историски останал запаметен како вистински револуционерен, со оглед на тоа дека бил прв модел со куќиште на кое се спуштала слушалката, и така се прекинувала врската. Бил висок 30, широк 28, а длабок 14 сантиметри, и тежок 5 килограми. До 30-тите години на минатиот век, „Ериксон“ ќе продаде два милиони примероци од овој модел. Од нив, 10 биле „Романови“. Примероците кои ги изработила компанијата за Руското империјално семејство на чие чело тогаш бил Николај II, биле посебни по многу нешто: деталите биле изработени од злато и слонова коска, а каблите биле во бојата на Руското национално знаме, бели, сини и црвени. Покрај непобитното технолошко достигнување на основниот апарат како таков, тој, исто така, бил и остана големо естетско откритие. Не е тешко да го замислиме нашиот омилен Руски император како го користи овој апарат, и со него заповеда и владее со царството.

Подготви: Весна Цветаноска

Преземено од www.telegraf.rs